Преку иновации до поголем успех

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски дел од своето обраќање на Конгресот го посвети на иновациите, посочувајќи дека тие ги одвојуваат земјите од успешни и неуспешни.

– Сакам овој мој настап, по повод реизборот и добивање нов партиски мандат да го посветам на оваа тема. Како да помогнеме на нашиот народ да стане поуспешен преку нашиот единствен и најмоќен ресурс-нашите мозоци. Како, на ваков начин, и со примен ваков дух и начин на живот и размислување да станеме поуспешни како индивидуалци и како нација, рече Груевски на Конгресот.

Тој додаде дека има една скала која треба да ја искачиме пред иновациите, а тоа е претприемничкиот дух кај мнозинството граѓани.

– Тука имаме голем напредок во последните години, но ни треба уште, пред се затоа што долго ова беше табу тема, која или не знаевме што е за време на социјализмот, или тие што знаеја, малкуте мали претприемачи ги гледаа со презир, или површно се дискутираше на оваа тема во првите 15-тина години по независноста. А всушност развојот на претприемничкиот дух кај секој еден е клучно за напредок, а потоа и за иновациите, рече Груевски.

Додаде дека се направиле многу семинари и работилници на оваа тема, претприемништво, бизнис и иновации, преведени се најпрестижните и најпопуларните книги на оваа тема од светот, воведен е предмет претприемништвто, бизнис и иновации во сите 4 години на средно образование и во завршната година на основно образование, донесена е и стратегија за иновации, а формиран е и Посебен фонд кој треба по одредени процедури да ги подржува иновациите, да им дава неповратни грантови, да им обезбедува т.н. акцелератори, кои треба да го забрзаат процесот на комерцијализација на иновацијата, и се што следи со тоа.

Истакнувајќи дека иновациите го движат светот напред го наведе како пример Израел каде 50 отсто од извозот е базиран на некоја нивна иновација.

– И кога велам нивна, тоа не мора да е на некоја државна институција или крупна компанија со капитал од 1 милијарда евра. Не, на некое момче од 27 години, облечено во фармерки, патики и блуза, кое наместо да штрајкува против математика на матурска и да игра фризби пред Министерство за образование, му текнало, нешто, го ставил на хартија, го разработил, ако немал пари, нашол некој што има, па направиле заедничка фирма, во кој едниот влегува со влог идеја-иновација, вториот на пример со 20 илјади евра, развиле примерок од иновацијата, отишле до некоја од големите компании, и го презентирале примерокот, заработиле пола милион евра. А таа компанија, потоа, од таа иновација, направила сериски производ кој го продава низ цел свет, и заработува многу повеќе, истакна Груевски.

Тој потенцира дека иновацијата е нешто квалитетно и ново за кое треба да ти текне прв и оти тоа не е привилегија само на богатите.

– Колку е проблемот во самодовербата, колку во начинот на размислување, колку во системот и државата, колку во традицијата, колку во остатоците од менталитетот на социјализмот, колку во недоволната глобализираност на општеството, колку во математиката и во одбивањето да си го помачиме мозокот, а со тоа и да ги развиеме неговите функции, колку е во квалитетот на образовниот процес. Или од се по нешто, посочи Груевски.

Посочи дека Владата со помош на Светската банка обезбеди 8 милиони евра за почеток, за првите три години за Фондот за иновации, како подршка на идеите на иноваторите. Се плашам, рече, да не останат непотрошени, бидејки Меѓународниот борд ќе бара обмислени идеи, а не пусти желби.

– Имаме многу да изодиме, но мора да се направи тоа доколку не сакаме да останеме само работници по текстилни фабрики или невработени, а со факултет, додаде Груевски.