Преку кризните состојби власта прави пат за нов грабеж на граѓаните

Гостин во „Студио 10“ на Телевизија 24 беше пратеникот Љупчо Пренџов, кој истакна дека владата троши пари на граѓаните за личен профит, искористувајќи ја енергетската криза и на тој начина прави пат преку кризните состојби практично за еден нов грабеж на граѓаните.

„И во време на пандемијата многу институции набавуваа продукти по 1500 пати поскапо од тогашните пазарни цени, се злоупотребуваа средствата од пандемијата за купување на возила, пасати и тн., се потрошија 180 милиони за набавка на нови возила вакцини и другo“, нагласи Пренџов.

Тој истакна дека владата бара одврзани раце за трошење огромни средства на граѓаните без притоа да даде отчет каде и на што конкретно ќе се потрошат.

„Не разговараме дали треба да има во Македонија кризна состојба сакам тоа јавноста да го знае. Едно е дали треба да има кризна состојба, а друго е што се случува во собранието. Сакам да ја известам јавноста дека овој жесток отпор од страна на опозицијата е затоа што на граѓанските претставници им се донесени два листа, првиот лист има два члена што кажуваат кога би почнувала таа кризна состојба и кога би завршувала, а вториот лист е дека има потреба од тоа и толку. Ние на два пасуси не можеме да им дадеме одврзани раце да трошат милјарди и милијарди денари за набавка на гас и електрична енергија“, истакна Пренџов.

„Сакам да предупредам дека преку овие кризни состојби тие прават практично пат за еден нов грабеж на граѓаните. Тоа го тврдам одговорно, бидејќи ако вие барате само одврзани раце да склучувате милионски договори за набавка на електрична енергија без тендери, се поставува прашањето од каде се тие пари, граѓаните треба да знаат од каде се тие пари што ќе се потрошат. Второ, треба да знаат колку е домашно производство, колку претпоставуваме дека треба да купиме, дали имаме проекции А, Б, или Ц. Се однесуваат како црвените кмери во Камбоџа, многу ветувања, тераат по свое и никому не му даваат отчет. СДСМ не може да разбере дека оние милиони кои што ги трошат за набавка на електрична енергија и гас се пари на граѓаните. И тие мора да дојдат во собранието да образложат што и како планираат“, рече Пренџов.