Преку обуки ќе се подобрува љубезноста на административците

Во рамките на најавените посети на државни институции кои беа опфатени со истражувањето за мерење на задоволството на граѓаните, министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, денес оствари работна посета на Централниот Регистар на Република Македонија, каде се сретна со в.д. директорот Андреа Поповски.

Според резултатите од спроведената анкета оваа година, граѓаните најмногу се задоволни од севкупната работа на Централниот Регистар, која беше оценета со највисоката оценка 5, од 51% од испитаниците.

„Подрачните единици на Централниот Регистар во Гевгелија, Штип, Битола и Кавадарци ќе мора да поработат на љубезноста, додека во Пробишти треба да посветат внимание на едношалтерскиот систем. Имајќи предвид дека во овие подрачни единици обемот на работа не е толку голем, зачудува фактот што љубезноста и принципите на едношалтерскиот систем се на незадоволително ниво. Затоа ќе треба да се преиспита и работењето на раководните тимови“, рече по средбата министерот Ивановски.

Тој порача дека Централниот регистар ќе треба да изготви препораки и да спроведе обуки, а Државниот управен инспекторат ќе изврши редовна и вонредна контрола во останатите периоди од годината.

Директорот Поповски истакна дека неговата институција веќе ги презема неопходните мерки и активности за отстранување на недостатоците кои беа детектирање со истражувањето за мерење на задоволството на граѓаните од институциите на системот.

„Спроведовме внатрешни анкети меѓу вработените и меѓу клиентите, со цел унапредување на квалитетот на услугите. Владините мерки не се само поттик, туку претставуваат основа за преземање конкретни акции во насока на поквалитетно работење“, рече в.д. директорот на Централниот Регистар, Андреа Поповски.

Пред неколку дена Ивановски најави дека Министерството за информатичко општество и администрација ќе изработи Акциски план за надминување на недостатоците од спроведените истражувања, кој ќе биде усвоен од Владата на Република Македонија, по што ќе бидат предвидени мерки кои институциите ќе мора да ги реализираат.