Премиер лига: Арсенал го доби лондонското дерби со Вест Хем, историски „хет-трик“ на Клајверт

Неверојатен беше последниот саботен натпревар од 13. коло во англиската Премиер лига, во кој фудбалерите на Арсенал, во лондонското дерби, победија против Вест Хем со 5:2.

Сите седум гола беа постигнати во првото полувреме, а Арсенал со овие три бода, барем привремено стигна до второто место на табелата.

По само 36 минути игра Арсенал имаше големи 4:0. Првиот гол го постигна Габриел во 10. минута. Следеа головите на Тросард во 27., Одегард во 34. од пенал и Хаверц во 36. за 4:0 за гостинската екипа. Вест Хем успеа делумно да се врати по двата брзи гола, стрелци беа Ван Бисака во 38. минута и Емерсон во 40. минута, додека првото полувреме заврши со голот од пенал на Сака во судиското надополнување. Сосема спротивно беше второто полувреме во кое малку нешта се случуваа и на крајот заврши со убедлива победа на Арсенал.

Фудбалерите на Брентфорд во седмиот натпревар на домашен терен оваа сезона ја забележаа шестата победа петходно во саботата остварувајќи убедлива победа со 4:1 против Лестер.

Не започна најдобро за домаќините, бидејќи Аргентинецот Буонаноте го доведе Лестер во водство во 21. минута. Примениот гол, сепак, не ги потресе играчите на Брентфорд, кој брзо израмни, во 25. минута постигнувајќи гол за 1:1 преку Вис. Потоа на сцената стапи германскиот играч Кевин Шаде кој постигна три гола. Првиот во 29. минута, потоа во судиското надополнување на првиот дел и во 59. за големите 4:1.

Брентфорд сега има шест победи и едно реми на седум домашни натпревари оваа сезона. Лестер, пак, има нерешено и дури четири порази во последните пет првенствени настапи.

Холанѓанецот Руд ван Нистелрој сѐ уште не седна на тренерската клупа на Лестер, но поразот на својот нов клуб го следеше од трибините.

Борнмаут го совлада Вулверхемптон со 4:2 на гостински терен во меч во кој беа досудени дури три пенала за гостите и сите успешно ги реализираше Холанѓанецот Клајверт. Првпат во историјата на Премиер лигата еден играч постигна „хет-трик“ со сите голови постигнати од белата точка. Керкез додаде уште еден гол за гостите, додека Странд Ларсен двапати погоди за Вулверхемптон.

Со голот на Муњоз во 94. минута, Кристал Палас освои домашен бод против Њукасл, во дуелот кој заврши 1:1. Гостите поведоа во 53. со автоголот на Гуехи.

Нотингем Форест останува на врвот на табелата по тесната победа од 1:0 на домашен терен против Ипсвич. Гол вреден три бода постигна Вуд во 49. минута од пенал.