Премиер лига: Арсенал и Сити убедливи, Челзи поразен дома

Во последниот натпревар од саботната програма на 29-то коло од англиското фудбалско првенство, Астон Вила како гостин со 2:0 го совлада Челзи.

Гостите од Бирмингем во водство ги донесе Оли Воткинс во 18 минута кога ја искористи лошата процена на Кулибали и излеза сам пред Кепа, додека конечниот резултат го постави Џон Мекгин во 56 минута со убав удар од 20-ина метри. Челзи во продолжението настојуваше да постигне погодок, но играчката криза во којашто очигледно се наоѓаат лондонските „Сини“ умешно го користеше гостинската одбрана во отстранувањето на заканите по сопствениот гол.

Со оваа победа Астон Вила го мина Челзи на табелата и сега е деветта со 41 бод, додека лондонскиот тим привремено се 11-ти со 38 бодови.

Претходно водечкиот Арсенал повторно ја зголеми својата предност во однос на второпласираниот Манчестер Сити, со домашната победа од 4:1 над Лидс Јунајтед кој се бори за опстанок.

Арсенал поведе во 35 минута кога Габриел Жезус реализираше пенал кој самиот ги избори по прекршокот на Ејлинг. На самиот почеток од вториот дел, во 47 минута, Бен Вајт го удвои водството а веќе во 55 минута Жезус со својот втор погодок на мечот ги доведе „Топчиите“ до убедлива предност од 3:0. Гостите од Лидс успеаја да намалат во 76 минута преку Расмус Кристенсен, но Гранит Џака во 84 минута ги постави конечните 4:1.

Арсенал така дојде до 72 бода, а Манчестер Сити има 64 со натпревар помалку. Лидс Јунајетд остана на 16-то место со 26 бодови, само бод односно два над зоната на испаѓање каде што Вест Хем има два бодат помалку но и два заостанати натпревари.

Манчестер Сити во саботата супериорно го доби големото дерби против Ливерпул, исто така, со 4:1.

Иако „Граѓаните“ имаа иницијатива од самиот почеток на мечот, првиот погодок на „Итихад“  го постигнаа гостите. Во 17 минута Диого Жота избегна офсајд стапица, влезе во казнетиот простор каде одлично ја загради топката и му овозможи на Мохамад Салах да втрча од втор план и со прецизен удар да ја затресе домашната мрежа.

Но предноста на Ливерпул траеше само десетина минути, зашто во 27 минута актуелните прваци изведоа прецизна акција во којашто учествуваа Марез, Гундоган и Грилиш а англискиот репрезентативец потоа упати остар приземен центаршут во центарот на шеснаесетникот каде што натрча Хулиан Алварез и израмни на 1:1.

Сити на почетокот од вториот дел со два брзи погодока го шокираше Ливерпул. Прво по само 53 секунди игра во продолжението Марез се проби на десната крилна позиција и нафрли во шеснасетникот каде во налет беше Кевин де Брујне кој погоди за пресврт и водство на домашните. Веќе во 53 минута Александер-Арнолд го блокираше шутот на Алварез од десетина метри, но топката се одби само до Илкаи Гундоган кој го однесе Сити до водство од 3:1. Конечниот резултат го постави Џек Грилиш во 74 минута по двојното проигрување со Де Брујне.

Манчестер Сити дојде до 64 бодови од 28 натпревари, а Ливерпул од 27 одиграни кола остана на 42 бодови на осмото место и заостанува пет бодови до најблиската позиција која води следната сезона во европските купови.

Борнмут пред своите навивачи со 2;1 славеше над Фулам. Гостете на одмор замина со предност откако во 16 минута прецизен беше Андреас Переира, но во вториот дел домаќинот заигра поангажирано и направи резултатски пресврт преку Маркус Таверние во 50 и Доминик Сооланке во 79 минута.

Борнмут моментално е 15-ти со 27 бодови два над зоната на испаѓање, а Фулам е безбеден на средината на табелата со 39 бодови.

Со идентичен резултат 2:1 домашна победа впиша и Кристал Палас во дуелот со Лестер Сити, но подраматично а сите погодоци беа постигнати во вториот дел. И на овој меч први во водство дојдоа гостите, во 56 минута преку Рикардо Переира, но по само три минути неговиот соиграч Даниел Ајверсон ја затресе сопствената мрежа. Кога се чинеше дека Лестер ќе стаса до важен бод во борбата за опстанок, во четвртата минута од судиското продолжение на дуелот надежите на гостите ги потопи Жан-Филип Матета.

Кристал Палас сега со 30 бодови се оддалечи од опасната зона и е на 12-то место на табелата, а Лестер Сити остана на 25 бодови и на 18-то мести, кое води во понизок ранг.

Нотингем Форест на домашен терен поведе во 38 минута преку Бренан Џонсон, но Вулверхемптон извлече бод откако во 83 минута прецизен беше на спротивната страна Даниел Поденсе.

Така Вулверхемптон остана на 13-то место со 28 бодови, со бод повеќе од следниот Нотигнем Форест.

Највозбудливиот и најефикасен меч во саботата го одиграа Брајтон и Бренфорд во кој гостите трипати беа во водство но на крајот си заминаа само со бод.

Брентфорд поведе рано уште во 10 минута со голот на Понтус Јансон, а за Брајтон во 21 минута израмни Каоруи Митома. Но веќе во следниот напад Ајван Томеи ја врати предноста на гостите, чија радост и овојпат не траеше долго, зашто на 2:2 израмни Дени Велбек во 28 минута. До полувремето резултатот не се менуваше, а на почетокот од вториот дел во 49 минута ново водство за Брентфорд донесе Итан Пинок. Сепак, домашните дојдоа до бод кога во 90 минута пенал реализираше аргентинскиот напаѓач Алексис Мек Алистер.

И овие два тима не го сменија поредокот на табелата на делба на шестото и седмото место се со по 43 бодови, четири зад петтиот Њукасл кој го држи во моментов местото кое води во Лига Европа.

Колото продолжува во недела со натпреварите Вест Хем- Саутемптон и Њукасл – Манчестер Јунајтед, а завршува во понеделник со дуелот Евертон – Тотенхем.