Премиер лига: Астон Вила го победи Лидс

Фудбалерите на Астон Вила продолжија со позитивни резултати во Премиер лигата и освоија домашни бодови на отворањето на 20-то коло во петокот вечерта победата од 2:1 против Лидс Јунајтед.

Така Астон Вила има две победи и едно реми во последните три првенствени натпревара, додека Лидс е без победа на последните пет првенствени натпревари. Во тој период Лидс забележа две нерешени и три пораза.

Во третата минута Астон Вила поведе со голот на Леон Бејли по одличен контранапад, додека Еми Буендија зголеми на 2:0 во 64 минута кога одлично се снајде пред противничкиот гол. Надежите кај гостите се појавија во 83 минута кога Патрик Бамфорд намали на 1:2, но и покрај притисокот и добрите шанси, Лидс до крајот не можеше да постигне нов гол и со тоа да дојде до бод.

Астон Вила остана на 11-то место со 25 бодови, а Лидс е 14-ти со 17 бодови, два повеќе од зоната на испаѓање во којашто може да влезе уште по заокружувањето на ова коло.

Во сабота во големо дерби се среќаваат Манчестер Јунајтед – Манчестер Сити, а играат уште Брајтон – Ливерпул, Евертон – Саутемптон, Нотингем Форест – Лестер, Вулверхемптон – Вест Хем и Брентфорд – Бурнемаут.

Дуелите Челзи – Кристал Палас, Њукасл – Фулам и големото лондонско дерби Тотенхем – Арсенал се закажани за в недела.