Во дербито од 22-то коло на англискиот фудбалски шампионат, Ливерпул на својот „Енфилд“ го победи Челзи со 4:1, со што ја продолжи серијата без пораз во лигата на 15 кола.
„Црвените“ против „сините“ ја остварија чевртата последователна победа, и воедна седма во последните девет кола, со што серијата без пораз во лигата ја продолжија на 15 натпревари. Последниот пораз на Ливерпул беше во септември минатата година на гостувањето кај Тотенхем (1:2). Потоа во 15 кола оствари 10 победи и пет нерешени резулати.
Ливерпул поведе во 24. минута со голот на Диого Жота, а во 39. Конор Бредли зголеми на 2:0. Во последните моменти од првото полувреме домашните добија пенал, но Дарвин Нуњез ја погоди стативата. Избраниците на Јирген Клоп дојдоа на чекор до победата во 65. минута, кога Доминик Шобошлаи со глава погоди по одличното нафрлување на Бредли.
Лондонскиот тим го намали резултатот во 71. минута со голот на Кристофер Нкунку, но Ливерпул брзо одговори, во 79. минута Луис Дијаз погоди за 4:1. Поразот на Челзи можеше да биде многу потежок затоа што освен што ја погоди стативата од пенал, Нуњез во текот на натпреварот уште двапати ја погоди и стативата, во осмата и во 75. минута.
Актуелниот англиски шампион Манчестер Сити немаше проблем против еден од најголемите кандидати за испаѓање Барнли, победувајќи со 3:1. Хулијан Алаврез со два гола (16, 22) и Роди (46) беа доволни на „Граѓаните“ да слават. Во судиското продолжение гостите само го ублажија поразот со голот на Амин ал-Даил.
Во тимот на Сити се врати закрепнатиот Ерлинг Халанд кој во игра влезе во 71. минута, но не успеа да се запише меѓу стрелците.
Тотенхем освои три бода со победата од 3:2 против Брентфорд. Гостите поведоа во 15. минута со голот на Нил Маупеј и го бранеа водството до крајот на полувремето. Сепак, во првите 11 минути од вториот дел Тотенхем одговори со три гола во низа, а стрелци беа Дестини Удоги (48), Бренан Џонсон (49) и Ричарлисон (56). Брентфорд намали на крајот во 67. минута со голот на Иван Тони.
Ливерпул води на табелата со 51 бод, тимот на Пеп Гвардиола се искачи на второто место на табелата, но останува на пет бода зад лидерот Ливерпул, додека Арсенал е трет, исто така, со 46 бодови. Следуваат Тотенхем и Астон Вила со по 43 бода.
Евертон (18), Барнели (12) и Шефилд Јунајтед (10) ги држат последните три места кои водат во понизок ранг на натпреварувањето.