Манчестер Сити победи со 3:1 (1:1) на домашен терен против Челзи во дербито на 23. коло од англиската Премиер лига.
Откако Челзи поведе на самиот почеток од натпреварот, во 3. минута преку Мадуке кој ја искористи кардиналната грешка на новиот играч на Сити – Хусанов, Гвардиола израмни кон крајот на првото полувреме, во 42. минута. Хрватскиот дефанзивец добро ја следеше акцијата и откако голманот на Челзи, Санчез одлично одбрани по ударот на Нуњес, најбрз реагираше на одбиената топка и ја смести топката во мрежата.
Во следните минути дојде до целосен пресврт, непотребното излегување од шеснаесетникот на Санчез во 68. минута го искористи Халанд за водство од 2:1, а Фил Фоден погоди на асистенција на Халанд во 87. минута за 3:1.
Со оваа победа, Сити го прескокна Челзи на табелата, сега четврти со 41 бод, исто колку и петтиот Њукасл Јунајтед, додека Челзи е шести со 40 бодови, исто колку и седмопласираниот Борнмаут.
Водечкиот тим во англиското фудбалско првенство Ливерпул со рутинската победа на домашен терен против слабиот Ипсвич Таун од 4:1 (3:0) ја зголеми предноста во однос на најблиските ривали на девет бода. Шобошлаи во 11., Салах во 35. и Гакпо во 44. минута го решија прашањето за победникот во првото полувреме, Гакпо во 66. минута со својот втор гол зголеми на 4:0 на средината на вториот дел, а Гривс во 90. минута го ублажи поразот.
Ливерпул сега има 53 бода, девет повеќе од второпласираниот Арсенал и третопласираниот Нотингем Форест, додека Ипсвич останува 17-ти со 16 бодови.
Арсенал го прескокна Нотингем Форест со тесна победа од 1:0 (0:0) на гости кај Вулверхемптон Вондерерс, постигната со голот на дефанзивецот Калафиори во 74. минута. Вулверхемптон така остана во зоната за испаѓање, 18-ти е со 16 бодови, но со полоша гол-разлика од Ипсвич.
Форест, пак, претрпе тежок пораз од 0:5 (0:1) на гостувањето кај Борнмаут. Клајверт во 9. минута го постигна единствениот гол во првото полувреме, а Уатара во 55., во 61. и во 87.минута постигна хет-трик во вториот дел, а Семењо во првата минута од судиското продолжение на мечот го постави конечниот резултат. Борнмаут сега е шести со 40 бодови.
Саутемптон доживеа нов пораз, овојпат со 1:3 (1:2) на домашен терен од Њукасл Јунајтед. Матеус Фернандес во 21. минута ги доведе домашните во водство, но Исак во 25. минута од пенал и во 30. минута направи пресврт со два гола пред одењето на пауза, а Тонали во 51. минута да го постави конечниот резултат.
Саутемптон е убедливо последен со само шест бода, додека Њукасл е четврти со 41 бод.
Анализа: Кирил М.