Премиер лига: Ливерпул подобар во дербито со Сити, се оддалечува на врвот

Во дербито на 13. коло на англискиот фудбалски шампионат, Ливерпул на својот „Енфилд“ го победи Манчестер Сити со 2:0, со што се зацврсти на врвот во Премиер лигата.

Коди Гакпо во 12. и Мохамед Салах во 78. минута од пенал ги постигнаа головите за седмата последователна победа на „Црвените“ во сите натпреварувања, додека Сити ја продолжи серијата без славје на дури седум меча, од кои шест загуби.

Со ова славје, Ливерпул дојде до 11 бода предност актуелниот шампион, додека има девет бода пред Челзи и Арсенал.

Домашните уште од првата минута почнаа агресивно да го притискаат Сити. Вирџил ван Дијк ја затресе десната статива во 12. минута, а само минута подоцна Ливерпул дојде во водство. Салах прими одлична долга топка по десното крило. Влезе во шеснаесетникот, и упати приземна топка на втората статива каде Гакпо мирно погоди за 1:0.

Во 19. минута Ван Дијк можеше да постигне гол за 2:0 по корнер, но шутираше далеку над голот. Домашните имаа нова шанса во 34. минута, овојпат непрецизен од работ на шеснаесетникот беше Трент Александер-Арнолд.

Сити првпат сериозно се закани во 40. минута, но ударот на Рико Луис мина покрај левата статива. Тоа беше единствениот обид на „Граѓаните“ во првото полувреме во кое не упатија ниту еден удар во голот на домаќините.

„Црвените“ беа подобри и на отворањето на вториот дел, во 51. и 56. минута имаа добри прилики, но ударите на Ван Дијк и Салах не го најдоа патот до мрежата.

Ливерпул дојде чекор поблиску до победата на 13 минути пред крајот откако Салах реализираше пенал. Стефан Ортега го собори Луис Дијаз, а Крис Каванаг покажа на пенал. Салах за разлика од средата против Реал, овојпат беше сигурен се впиша како стрелец по асистенција на првиот гол. Сити можеше да се врати во живот во 83. минута, одлична шанса имаше Де Брујне, но Келехер одлично одбрани.

На претходно одиграните натпревари Манчестер Јунајтед и Челзи остварија убедливи победи. „Црвени ѓаволи“ го совлада Евертон со 4:0 на својот „Олд Трафорд“, додека Челзи победи со 3:0 против Астон Вила на домашниот „Стемфорд Бриџ“.

„Црвените ѓаволи“ победија со головите на Маркус Рашфорд (34, 46) и Џошуа Циркзи (41, 64), додека стрелци за лондонските „Сини“ беа Николас Џексон (2), Енцо Фернандез (36) и Кол Палмер (83).

Тотенхем и Фулам одиграа 1:1. Домашните поведоа во 54. минута со голот на Брен Џонсон, а израмни Том Керни во 67. минута. Од 81. минута гостите играа без исклучениот Керни, но Спарс не ја искористија предноста на играчот.

Ливепрул води на табелата со 33 бода, девет повеќе од Арсенал и Челзи. Сити е петти со 23 бода, додека Јунајтед напредуваше за три позиции и моментално е деветти со 19 бодови.