![Mohamed Salah Liveprul Mancester Junajted](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/12/Mohamed-Salah-Liveprul-Mancester-Junajted.jpg?resize=667%2C485&ssl=1)
Во последниот натпревар од неделната програма од 17-то коло на англискиот фудбалско првенство, двата најтрофејни клуба Ливерпул и Манчестер Јунајтед одиграа 0:0.
Ливерпул, иако особено во финишот фрли на сѐ во нападот и создаде неколку изразени шанси за погодок, на тој начин не успеа да се врати на врвот на табелата во Премиер лигата, сега е втор со 38 бодови, колку што има трета Астон Вила, а бод повеќе има водечкиот Арсенал.
Манчестер Јунајтед, кој исто така опасно се закануваше на „Енфилд“ и за кого ова е прво реми во првенството оваа сезона, сега е седми со 28 бодови.
Претходно во неделата фудбалерите на Арсенал и Астон Вила впишаа по три бода. Арсенал на својот стадион го совлада Брајтон & Хоув Албион со 2:0 (0:0), додека Астон Вила со пресврт славеше кај Брентфорд со 2:1 (0:1).
Арсенал поведе против Брајтон со голот на Габриел Жесус (53) по удар со глава по нафрлување од корнер, а победата ја потврди Хаверц (87) од контранапад.
На средбата Брентфорд – Астон Вила имаше голема нервоза, Луис-Потер (45) на крајот од првото полувреме ги доведе домашните во водство, но Мее беше исклучен во 71. минута, а гостите направија пресврт со погодоците на Алекс Морено (77) и Воткинс (85) и двата постигнати со глава.