Премиер лига: Њукасл славеше на „Олд Трафорд“, Челзи падна кај Ипсвич

Фудбалерите на Њукасл ја продлабочија опасната криза на Манчестер Јунајтед, славеа на неговиот „Олд Трафорд“ со 2:0 во натпреварот од 19. коло на англиската Премиер лига.

Њукасл во првото полувреме го уништи противникот и домашните можеа да бидат среќни што резултатот гласеше само 0:2. Покрај головите со глава на Исак во 4. минута и Џолинтон во 19. минута, гостите постигнаа уште еден поништен гол поради офсајд, додека шутот на Тонали заврши во рамката од голот.

Во продолжение гостите од Њукасл речиси рутински ја задржаа предноста и се искачија на петтото место на табелата. Ова беше деветти првенствен пораз за Манчестер Јунајтед сезонава и се само на 14-то место.

Ова воедно беше трет првенствен пораз во низа за Манчестер Јунајтед, а на ниту еден од тие натпревари не постигна гол.

Продолжи и негативната серија на Челзи, кој беше поразен со 0:2 кај Ипсвич, до ова коло претпоследниот тим на табелата. Во последните три првенствени натпревара, Челзи има реми и два пораза. Tака лондонските „Сини“ не успеаја со победа барем привремено да се искачат на втората позиција и останаа четвропласирани со 35 бодови, бод помалку од градскиот ривал Арсенал кој има и меч помалку, односно два помалку од Нотингем Форест. На врвот осамен е Ливерпул со 45 бодови.

Ипсвич, пак, ја забележа само третата победа сезонава. Првиот триумf на домашен терен го искачи на 18-то место во табелата. Стрелци беа Делап од пенал во 12. минута и Хачинсон во 53. минута.

Астон Вила и Брајтон ремизираа 2:2. Гостите поведоа со голот на Адингра во 12. минута, но домашните успеаја да го свртат резултатот. За тоа беше заслужен Воткинс, кој беше прецизен од белата точка во 36., додека на стартот од вториот дел Роџерс погоди за 2:1 на Астон Вила. Домашните не го задржаа водството бидејќи Лампти во 81. минута ги постави конечните 2:2.

Со поделбата на бодовите двата тима ги задржаа досегашните позиции на теабелата, Астон Вила е 9-та со 29 бодови, а веднаш зад неа е Брајтон со два бода помалку.

Последниот натпревар од ова коло ќе се одигра во среда меѓу Брентфорд и Арсенал.