
Фудбалерите на Вест Хем Јунајтед ја продлабочија кризата во Тотенхем победувајќи со 2:1 на гостувањето во северниот дел на Лондон.
За тимот на Ангелос Постекоглу ова беше четврти пораз во последните пет првенствени настапи, па така Тотенхем остана на петтата позиција со 27 бодови, а Вест Хем заостанува само три бода зад Спарс и е на деветтото место.
Тотенхем го оспеднуваше голот на гостите во првото полувреме, па домашните поведоа во 11. минута со голот на Кристијан Ромеро. Но, во вториот дел следеше пресврт, со головите на Џерод Бовен во 52 и Џејмс Вард-Проуз во 74 минута.
Во вториот меч вечерта Евертон го победи Њукасл со 3:0 на својот „Гудисон Парк“ и така првпат ја напушти зоната за испаѓање, откако Англиската фудбалска асоцијација (ФА) му одзеде десет бода поради непочитување на финансиските правила.
Двајт Мекнил му донесе водство на Евертон во 79. минута, кое во 86. минута го удвои Абдуле Дукур. Конечните 3-0 ги постави Бето во шестата минута од дополнителното време.
Со две последователни победи Евертон стигна до 10 бодови и скокна на 17. место. Зад тимот од Ливерпул останаа Лутон со 9, Барнли со 7 и Шефилд Јунајтед со 5 бодови.
По 15. коло Арсенал е на врвот на табелата со 36 бодови, два повеќе од второпласираниот Ливерпул. Астон Вила се најде на третото место со 32 бода, додека актуелниот шампион Манчестер Сити падна на четвртото место со 30 бодови.