Премиера на краткометражниот филм „Шарац“

Здружението за едукација, промоција и заштита на здравствените и човековите права „Биди Човек“ со осбена чест и задоволоство Ве поканува на премиера на краткометражниот филм „Шарац“ на Beach Film Festival на 17 јули 2024 (среда) на свеченото отворање на фестивалот на плажата Славија во Охрид.

„Биди Човек“ ја слави мудроста и искуството на нашите возрасни, за кои од клучно значење е да се осигураме дека тие уживаат оптимално здравје и благосостојба. Нашата кампања, „Благосостојба низ целиот животен век“, има за цел да ја подигне свеста и да преземе активности за подобрување на квалитетот на животот на постарите граѓани во нашата заедница.

Кампањата започнува со премиера на краткиот филм „Шарац“ – преку кој се пренесува пораката за грижа на возрасните лица, свесноста на менталното и физичкото здравје, здравото стареење.

Линк до филмот

Улогите во филмот се на група средношколски другари и другарки од генерација 1970 година од Гиманизата Јосип Броз Тито – Скопје. Сценарио и режија е на Димитар Банов, главната улога ја игра Марко Ковачевски – Шарац, неговиот син Алек го игра Игор Ангелов-актер, сопругата Билјана Групче, другарката Жана – Снежана Момирвоска и другите, дирeктор на фотографија е Кристијан Војдановски, аудио инженер Марко Рикаловски, видео монтажа на Иво Ицевски, продукцијата на филмот е на Биди човек, а копродукција е на Мац Шепард.

За краткит филм „Шарац“

Марко Ковачевски (76) – Шарац, по откривањето на неговата срцева состојба (аритмија) ја губи волјата за секој социјален живот. Цел ден пуши цигари, пие кафе и гледа квизови. Три години Марко не сака ни да оди на редовна закажана лекарска контрола. Сè почнува да се менува кога тој добива неочекуван телефонски повик од неговиот син Алек (40), кој во овој момент е во клубот со многу добрата средношколска другарка на татко му,  Жана (75). Жана го информира Марко дека многу луѓе од нивната гимназиска генерација одат во клубот да играат квизови, да вежбаат јога и да прават многу други активности. Полека но сигурно Марко собира храброст да стане и да оди во клубот. Неговите први два обиди се неуспешни, но кога конечно ќе се соочи со пријателите од детството, тој им се придружува во квиз тимот и победува. Неговиот дух е променет, летаргијата ја нема и Марко се турка да закаже лекарска контрола, на изненадување на неговата сопруга Билјана.

Во денешниот свет со брзо темпо, постарите често се соочуваат со запоставување или ги занемаруваат сопствените здравствени потреби. Преку краткометражниот филм „Шарац“, здружението Биди Човек се обидува да ја засили пораката за грижа за возрасните лица како и свесност за заштита на нивното здравје.

Како дел од кампањата на веб страницата на Биди Човек ќе бидат споделени насоки за зачувување на здравјето на возрасните преку:

Промоција на активно живеење: редовна физичка активност прилагодена на потребите на воздрасните, промовирајќи ја силата, флексибилноста и кардиоваскуларното здравје.

Нутритивна поддршка: едукација за урамнотежени диети кои ги задоволуваат уникатните нутритивни потреби на постарите возрасни лица, поттикнувајќи здрави навики во исхраната.

Социјална врска: Борба против осаменоста преку поттикнување социјален ангажман преку активности во заедницата и мрежи за поддршка.

Здравствено образование: Достапни информации за заеднички здравствени проблеми меѓу постарите лица, стратегии за превенција и редовни здравствени прегледи.