![leonardo-di-kraprio](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2016/01/leonardo-di-kraprio.jpg?resize=540%2C360&ssl=1)
Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХЗХ учествуваше во ефектите на „ Повратникот “, филм кој доби дури 12 номинации за Оскар, меѓу кои за најдобар филм и најдобри визуелни ефекти, а кој утревечер премиерно ќе биде прикажан во Скопје.
Филмот веќе ги освои највисоките награди на Златните Глобуси и тоа во категориите за најдобар филм, најдобра режија и за најдобра машка главна улога. Според филмската критика, тоа навестува сличен успех и за Оскарите, меѓу кои повторно за најдобар филм, најдобра режија, машка главна улога, како и за најдобри визуелни ефекти.
Кристијан Даниловски, ко-сопственик на ФХ3Х, изјави дека Оскарот е највисоката награда и највисокото признание за квалитет во индустријата за продукција на визуелни ефекти.
– Наша најдобра препорака е кога последниот проект на кој сме работеле е од врвен квалитет, а признание за тој квалитет се наградите, номинациите за Оскар и самиот Оскар. На овој филм работеше тим од 60 артисти на околу 50-тина кадри во периодот од мај до јули 2015 година, изјави Даниловски.
– Имајќи ги предвид претходните остварувања на Инариту, и досега објавените критики за филмот, не очекува мрачна, тешка драма, во која ќе се разгледува прашањето „кој е дивјакот во дивината“, вели Даниловски, кој најавува одличен филм.
Филмот е базиран врз романот „Повратникот: новела за одмаздата“ на Мајкл Панке од 2002 година, кој бил инспириран од вистинскиот Хју Глас.
Во 1823 година, Глас потпишал со компанијата за крзно Роки Маунтин за експедиција по горниот тек на реката Мисури која повеќепати го довела во животна опасност од Арикара индијанците, безмилосните гризли мечки во дивината, и пријателите кои ветиле дека ќе го заштитуваат.
Проекцијата на филмот е во киното „Синеплекс“ во терминот од 20 часот.