Премиерите на Полска, Чешка и Словенија му пренесоа европска поддршка на Зеленски

Премиерите на Полска, Чешка и Словенија изразија „недвосмислена поддршка“ за Украина во име на ЕУ

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и премиерот Денис Шмихал одржаа средба со премиерите на Полска, Словенија и Чешка, која заврши доцна синоќа.

Според украинскиот премиер, разговорите се однесувале на прашања за интензивирање на санкциите против Русија како одговор на воената офанзива, хуманитарната помош за Украина и потенцијалното членство на земјата во ЕУ.

Според кабинетот на полскиот премиер, премиерите во вторникот попладне со воз пристигнале во Украина. Владиниот портпарол Пјотр Милер изјави дека средбата била договорена по консултациите со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

На прес-конференцијата по средбата, Зеленски им рече на новинарите – „со вакви сојузници ќе победиме во оваа војна“.

Шмихал рече дека „личната посета на лидерите на ЕУ беше доказ за безгранична поддршка за сите Украинци“, што ќе биде „запишано во учебниците по историја“.

Сите тројца европски лидери изразија поддршка за Украина за време на брифингот со новинарите и на социјалните мрежи.

„Европа стои со вас“, рече чешкиот премиер Петр Фиала, додавајќи дека главната цел на посетата е „да им кажеме на нашите украински пријатели дека не се сами“ и да ги увериме граѓаните дека Чешка ќе продолжи да обезбедува поддршка за бегалците.

„Тука сме да се восхитуваме на вашата борба против таков суров агресор. Оваа инвазија мора да престане“, рече полскиот премиер Матеуш Моравјецки, повикувајќи ја ЕУ да и додели кандидатски статус на Украина и нагласувајќи ги напорите на Полска да ја одбрани својата соседна држава од агресија.

Словенечкиот премиер Јанез Јанша во пресрет на средбата испрати порака до ЕУ, во која на Твитер изјави дека Украинците со својот живот ги бранат европските вредности и дека Европа стана пообединета од кога било.