![vlada](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2013/12/vlada.jpg?resize=486%2C324&ssl=1)
Владата денеска во периодот од 10 до 16 часот во своите простории организира Ден на идеи каде што ќе бидат присутни претседателот на Владата на Македонија и министерите.
Граѓаните, пак, кои претходно се пријавија со свои идеи, директно ќе можат да им ги претстават своите идеи, предлози, мерки и проекти на владините претставници.
Според соопштението од Владата, целта на проектот што се реализира неколку години по ред е да се охрабрат граѓаните преку изнесување корисни идеи, предлози, проекти и мерки од сите сфери на општественото живеење директно да учествуваат во спроведувањето и реализацијата на владините политики, придонесувајќи на тој начин во подобрувањето на состојбите во сите сегменти на секојдневното живеење и делување.
Владата, се посочува, е подготвена да ги слушне и реализира сите добри идеи на граѓаните кои одат во насока на подобрување на состојбата во околината, целокупното општество и државата, а потврда за тоа е и фактот што добар дел од идеите претставени за време на последниот Ден на идеи веќе се или стануваат дел од програмите за работа на министерствата и органите во состав на министерствата.
Проектот Ден на идеите е во рамки на заложбите на Владата за активна партиципација на граѓаните во процесот на креирање политики и подобро функционирање на општеството и државните институции.