Премиерот Мицкоски е подготвен за секое решение за проблемите во главниот град

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека е подготвен за секое решение за проблемите во главниот град, но доколку нема прогрес, рече, „тогаш ќе мора да одиме радикално и инвазивно“.

Прашан за коментар во врска со вчерашниот предлог од Град Скопје кој понуди да учествува и формира посебно работно и координативно тело со Владата за решавање на проблемите во Скопје, Мицкоски одговори дека прифаќа сѐ што е во интерес на скопјани. Затоа што, рече, „градот мора да функционира нормално“, посочувајќи дека претстои и почеток на нова учебна година и граѓаните веќе се враќаат од годишните одмори.

-Сѐ што е потребно ќе направам, и ќе се сретнам, и ќе формираме тим, сѐ што е потребно во интерес на скопјани, само проблемот да се реши. Не може вака, ние сега функционираме во ненормални услови, кои не личат на главен град на земја која е дел од НАТО и кандидат за членство во Европската Унија. За секое решение сум подготвен и доколку гледаме дека нема прогрес, тогаш мора да одиме радикално или, да се изразам со докторски речник – да не влегуваме ептен инвазивно во прикаската, па и во здравото да влеземе. Да се обидеме да го санираме тоа што може да се санира со разговор, со политика, со дипломатија. Доколку видиме дека тука нема прогрес, тогаш ќе мора инвазивно да влеземе во решавање на проблемот, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Клиника за дигестивна хирургија.

На прашањето колкав е тој „разумен рок“ кој, како што пред неколку дена рече дека им го дава на претпријатијата под ингеренции на Град Скопје за да почнат да ја извршуваат својата работа, Мицкоски денеска одговори дека не е секундант што ќе одбројува затоа што, рече, на сите им е јасно дека состојбата во главниот град е лоша и алармантна.

-Не сум секундант за да одбројувам колку е тој разумен рок, но сите гледате што се случува во главниот град – се давиме во смет, дупки на улиците, расипани автобуси на секој агол, состојбата е алармантна и ние сакаме да помогнеме. Да, лоша е, никој нема поинаква перцепција. Сите знаеме дека е лоша, граѓаните ни велат не нѐ убедувајте дека е лоша, знаеме дека е лоша, затоа ве биравме, решавајте ја работава. Овие не ги биваше, на 8 мај вас ве биравме вие да ги решавате проблемите, рече Мицкоски.

Град Скопје вчера во допис до медиумите информираше дека е „подготвен да учествува и формира посебно работно и координативно тело со Владата, со единствена цел – граѓаните да добијат град каков што заедно, градоначалничката Арсовска и премиерот Мицкоски, ветија во 2021 година“.

Овој предлог од Град Скопје следуваше откако градоначалниците на скопските општини на координативен состанок во средата донесоа одлука да се достави предлог до Владата и до Министерството за животна средина да ги одземат ингеренциите на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ кои се под капата на Град Скопје

Како што информираше градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски по состанокот, донеле одлука да побараат обврските да им бидат предадени на општините.

-Бараме Владата да назначи владин повереник и да и започне процес на расформирање на овие две јавни претпријатија и предавање на обврските на општините, рече завчера Ѓорѓиевски.