Премиерот на Австралија, Ентони Албанес изјави дека задржувањето на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж во затвор „повеќе не служи за никаква цел“ и оти тоа е „фрустрирачки“.
Асанж веќе четири години е во лондонскиот затвор Белмарш откако беше извлечен од Амбасадата на Еквадор.
– Мислам дека случајот Асанж треба да се погледне од аспект на тоа што се случило, кои се обвиненијата и дали отслуженото време го надминало она што би било разумно за докажување на обвиненијата, истакна Албанес за австралиската телевизија Еј-би-си.
Тој додаде дека постои нееднаквост помеѓу Асанж и свиркачката Челзи Менинг, која е на слобода откако извесен период помина во затвор.
Британската полиција го уапси Асанж во април 2019 година во Амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што беше засолнет седум години, затоа што не се предаде на претходна потерница поврзана со шведските обвиненија за силување, што на крајот беа отфрлени.
Полицијата изврши рација во Амбасадата откако Кито му го укина азилот на Асанж.
Основачот на Викиликс води долготрајна правна битка за да избегне екстрадиција во САД, каде 51-годишниот е обвинет за заговор со поранешната американска воена разузнавачка аналитичарка Менинг, за да објави голема количина доверливи материјали во 2010 година.