Премиерот на Гренланд му одговори на Трамп дека островот не е на продажба

Гренланд не е на продажба, изјави неговиот премиер во понеделникот, одговарајќи на коментарите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за „сопственост и контрола“ на арктичкиот остров кој е дел од Данска повеќе од 600 години.

„Гренланд е наш. Не сме на продажба и никогаш нема да бидеме на продажба. Не смееме да ја изгубиме нашата долга борба за слобода“, рече премиерот на островот Муте Егеде во писмен коментар.

Во неделата, Трамп објави дека го избрал Кен Хаури, поранешен амбасадор во Шведска, за свој амбасадор во Копенхаген и се осврна на статусот на Гренланд, полуавтономниот дел на Данска, каде е сместена голема база на воздухопловните сили на САД.

„Заради националната безбедност и слободата ширум светот, Соединетите Американски Држави сметаат дека сопственоста и контролата на Гренланд се апсолутна неопходност“, напиша Трамп на својата социјалната платформа Truth Social.

Трамп, кој ја презема функцијата на  20-ти јануари, не даде повеќе детали.

Данското Министерство за надворешни работи и Кабинетот на премиерот не беа веднаш достапни за медиумите за коментар.

„Данската влада мора јасно да стави до знаење дека не може да има дискусија или преговори за контрола над Гренланд“, изјави на социјалната мрежа Х пратеникот во данскиот парламент Расмус Јарлов од опозициската Конзервативна партија.

„Во случај американските активности да одат во насока на преземање контрола врз данска територија, тоа мора да се спречи и да се спротивстави. Во тој случај, тие не треба ни да бидат таму“, рече Јарлов, шеф на парламентарната комисија за одбрана.

Островот, чиј главен град Нук е поблиску до Њујорк отколку до данскиот главен град Копенхаген, содржи богати наоѓалишта на минерали, нафта и гас. Сепак, тој се развива бавно, а економијата на островот зависи од риболовот и годишните субвенции од Данска.

Со оглед на воздухопловната база Питуфик, Гренланд е стратешки важен за американската војска и нејзиниот систем за рано предупредување за балистички ракети, бидејќи најкраткиот пат од Европа до Северна Америка минува низ островот.

За време на неговиот претходен мандат, Трамп изрази интерес за купување на Гренланд во 2019 година, но Данска и властите на островот брзо го отфрлија предлогот пред да се одржат официјалните разговори. Данската премиерка Мете Фредериксен тогаш ја нарече „апсурдна“ понудата на Трамп, а тој нејзиниот однос кон таа идеја го нарече „гаден“ и ја откажа посетата на Копенхаген. Фредериксен сѐ уште е премиер на Данска.

Гренланд има право да прогласи независност од Данска од 2009 година, но островот со околу 56.000 жители, кој зависи од значителни годишни трансфери од данскиот буџет, сè уште не го сторил тоа.

Трамп во август 2019 годинава ја откажа посетата на Данска и со груби зборови одговори на отфрлањето на неговата идеја САД да го купат Гренлад од страна на данската премиерка Мете Фредерискен, која ваквата замисла на оцени како апсурдна. Како што објави тогаш весникот The Washington Post, функционерите во администрација на американскиот претседател ја разгледувале можноста на данската влада да ѝ понудат 600 милиони долари годишно за предавање на Герланд во неограничена сопственост.

Притоа треба да истакне дека ова не е првиот обид во Вашингтон да ја разгледува можноста да го поседува островот. Имено, набрзо по завршувањето на Втората свеска војна тогашниот претседател Хари Труман ѝ понудил на Данска 100 милиони долари за Гренланд, но бил одбиен. Американскиот Стејт департмент, исто така, разгледувал опција да го купи Гренланд уште во 1867 година. А како што пишуваше своевремено The Wall Street Journal, американскиот сенатор републиканец Тон Котен уште летото 2018 година, му предлагал на данскиот амбасадор Ларс Херт Лозе, купување на Гренланд. Според сенаторот, данскиот дипломат „малку се изненадил“, но дијалогот „продолжил“. Котон годинава во својата изјава за весникот потенцира дека Гренланд е богат со природни ресурси и, во воено-стратешка смисла, неговото купување од страна на САД „би го заштитило островот од Русите и Кинезите“.

Упорноста на Трамп да го купи најголемиот остров на планетата кој има широка автономија во рамките на Кралството Данска, бездруго е сигнал за повторниот американски интерес за Арктикот, подрачјето богато со природни ресурси, но истовремено и дистракција во моментов од американската внатрешна политика. Понудата на Трамп да го купи Гренланд, пред пет години истовремено беше сигнал за Русија, и за другите арктички земји и за Кина, којашто според некои процени во Вашингтон има скриен интерес за Арктикот, дека САД нема да стојат настрана во борбата за контрола над овој дел од светот, каде што со топењето на мразот ќе се отворат нови поморски рути. САД веќе го зајакнаа своето присуство во регионот, отворајќи конзулат во гренландската престолнина Нуук, и финансирајќи нови аеродроми, образовни и социјални програми.

Крајната цел на Вашингтон, можеби, и не е да се дојде до поседување на Гренланд, но секако дека е претензија да се поседува одредена територија на него. САД, исто така, може да се свртат кон купувањето на морнаричката база Гронендал на јужен Гренланд, од чијашто продажба Данците се откажаа во 2017 година, бидејќи тогаш единствено заинтерсирани беа Киензите.

Исто така во неделата, Трамп се закани дека ќе ја врати американската контрола врз Панамскиот канал, обвинувајќи ја Панама за прекумерна наплата за користењето на централноамериканскиот премин, што предизвика остар прекор од панамскиот претседател Хозе Раул Мулино.