Премиерот на Украина ќе го посети Вашингтон

Делегација предводена од украинскиот премиер Денис Шмигал следната недела ќе го посети Вашингтон, пренесе Бгнес.

Во делегацијата ќе бидат и министерот за финансии Сергеј Марченко и гувернерот на Централната банка Кирил Шевченко. Нивната посета се совпаѓа со традиционалната пролетна посета на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.

Се очекува Шмигал, Марченко и Шевченко да одржат билатерални состаноци со финансиски претставници на Г7 и да присуствуваат на тркалезна маса организирана од Светската банка за конфликтот во Украина.

Настанот ќе биде прва можност за раководството на Украина лично да се сретне со голем број финансиски функционери од развиените економии од почетокот на руската инвазија врз Украина.