Со последните ваши дејствија покажувате непочитување кон највисоката институција кон оваа држава, му порача пратеникот од коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, од ГРОМ, Љупчо Пренџов на Димитар Ковачевски на денешната собраниска седница.
Алијанса на Албанците согласно информациите кои што стигаат во јавноста е претворена во градежна фирма, а овие од Алтернатива им ги разрешуваат министрите и молчат, никаде ги нема. И тоа ќе видете зошто граѓаните немаат доверба ниту во владата, а ниту во политиката, истакна тој.
Пренџов го праша Ковачевски кога планира да го разреши Артан Груби, додавајќи дека нема никаква одговорноста и покрај тоа што органите на прогон му висат на врат за тоа како купил деловен објект во центарот на државата по цена од 650 евра.
Гледам денеска го нема Артан Груби до вас. Не знам како сте поделени дали тој работи ноќе, а вие дење, бидејќи една ноќ дали кога собирал кириите од дуќаните и становите што ги издава помина во собранието, па од тука наваму го нема. Сакам да ве прашам дали планирате да го разрешувате Артан Груби. Да купите дуќан во центарот на државата, на улица Македонија по цена од 650 евра и пола институции за прогон да ви бидат на врат, а вие да го третирате да седи до вас и да биде прв вицепремиер задолжен за ништо, е навистина голем срам за Република Македонија, рече Пренџов.
Пренџов праша дали Ковачевски ќе го разреши и министерот за образование и наука бидејќи цела година не успеал да иштампа учебници.
Кога сме кај разрешувањата Ковачевски ве молам кога планирате да го разрешите министерот за образование? Не е нормално еден министер да не може да иштампа учебници цела година и да нема никакви последици ниту политички, ниту морални, ниту законски, објасни Пренџов.
Дали чувствуваш одговорност за тоа што во државата нема лекови, нема основни средства, за тоа што во државата се живее се полошо и полошо. Што ќар има државата што вчера се назначија тројца или четворица нови министри, вели тој.