Економијата во државата ни е во сериозен проблем и секогаш како владејачко мнозинство ја правите истата грешка а тоа е дека кога имате определено буџет за нешто што се состои од приходи и расходи и кога во него треба сите мерки да ги вметнете најважниот фактор е факторот време. Односно во кое време кој потег ќе се повлечи. Овој потег почитувани колеги од мнозинството е задоцнето и тоа е факт, вели Љупчо Пренџов, пратеникот од коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, ГРОМ на денешната собраниска седница.
Во однос на измените на законот за царински намалувања Пренџов вели дека истиот требало да се донесе уште минатата година, како и дека поради неспособноста на власта изминатите 4 години се затвориле 28.000 компании.
„Сметам дека овие царински намалувања, дополнети и проширени требаше ова собрание да ги донесе уште во месец август, најдоцна првата половина во месец септември. Доколку ги пратите тековите кои што се случуваат ќе видите дека оваа држава изминатиот период од кога вие почитувани колеги од мнозинството ги изгласавте неспособните на власт, имаме 2018, 2019, 2020 и 2021 година 28.000 компании затворени, и ова е податок од министерство за финансии“, вели Пренџов.
„Вчера заврши извршниот одбор на меѓународниот монетарен фонд има два интересни заклучоци, а тоа е дека ММФ предвидува дека 2022 година инфлацијата во оваа држава ќе се засили што значи дека животниот стандард ќе се намали, што значи дека ќе имаат уште потешко битисување во ова општество и она кое што е исто важно ММФ од ноќеска ни предвидува дека 2022 година приватните инвестиции ќе продолжат да заостануваат“, рече Пренџов.
Во врска со растот на индустриското производство Пренџов вели дека изминатата година бележи 2,1 процент за кој како што рече е сериозен проблем.
„Зошто ние овде не се договориме да кажеме дека задолжувањето за финансирање на буџетскиот дефицит изнесува 88 проценти од државниот долг, а 70 проценти од јавниот долг е резултат на финансирање од домашни или странски извори и дека оваа држава едноставно нема економија и дека ние сте одговорни во ова собрание дали ќе направиме да има економски услови за развој на компаниите или вака ќе продолжиме како се она што во владата го прават, или пак немаме доволно средства, затоа што средствата предвидени за ковид под палката на поранешниот премиер пола од нив се дадоа за гасната криза“, праша Пренџов.
Според него, минатата година на 21-ви февруари се правело циркус во собранието со тоа што се носеле пратеници со скафандери да гласаат за петтиот пакет на мерки за приватниот сектор, истиот до денеска не е реализиран.
„По една година продолжуваме со петтиот пакет на мерки, арно ама оти не сме ја предвиделе гасната криза, едноставно 13 милиони евра се премалку пари“, додаде Пренџов.
„Сите податоци коишто ги прочитав се од министерството за финансии. Прогнозите кои што ги прочитав се од синоќешните заклучоци од Извршниот одбор на Меѓународен монетарен фонд. Почитувана јавност, на 21 февруари 2021 година овде правевме циркус, носевме пратеници со скафандер за петтиот пакет на мерки кој што мораше сега и веднаш да се даде на приватниот сектор. И кажавме дека манипулирате бидејќи тие пари ги немате во буџет. Почитувана јавност денес 21 февруари следната година имаме повторно мерка од петти пакет, мерка 17“, вели Пренџов.