Лекот за артритис „Тоцилизумаб“ на компанијата „Roche“ го намалува ризикот од смртноста кај пациентите хоспитализирани со тешка форма на Covid-19, го скратува времето на закрепнување и ја намалува потребата од механичка вентилација на белите дробови, покажале резултатите од испитувањата на Универзитетот Оксфорд кои се спроведуваат последната година во рамките на проектот RECOVERY започнат во март 2020 година.
„Сега знаеме дека Тоцилизумабот е полезен за сите ковид-пациенти со ниска заситеност со кислород и сериозно воспаление“, изјави во четвртокот при објавувањето на резултатите од истражувањето, професорот Питер Хорби, професор на одделот за нови заразни болести при Универзитетот Оксфорд и водечки научник на проектот за испитување на лековите за можна примена кај заболените од Covid-19.
Тоцилизумабот, кој се продава под називот „Актемра“, е противоспалително моноклонално антитело коешто се применува интравенозно во лекувањето на ревматолошкиот артритис, а делува така што го намалува нивото на протеинот интерлеукин-6 (IL-6) кој пациентите со ревматолошки артритис и некои други автоимунини болести го имаат премногу, што го предизвикува восполението.
Лекот го блокира овој протеин и така воспалението се смирува, па се смета дека би можел да ги спречи и прекумерните реакции на имунолошкиот систем кај некои пациенти со коронавирусот. Станува збор за таканаречената цитокинска бура поради којс воспалните молекули го отежнуваат дишењето, односно вирусот го оневозможува нормалното работење на белите дробови и дотокот на кислородот.
Во јуни минатата 2020 година во текот на проектот за испитување на лековите за можна намена во третманот на заболените од коронавирусот, исто така, е утврдено дека смртноста ја намалува и широко достапниот дексаметазон. Овој стероид за третина ја намалува смртноста меѓу заболените со тешки форми на Covid-19.
Според резултатите од истражувањето, тоцилизумабот значително ја намалил смртноста, со 596 пациенти (или 29 отсто) кои починале во периодот од 28 дена во однос на 694 (или 33 отсто) кои примале вообичаена нега и терапија. Разликата од 5 проценти значи дека на секои 25 пациенти третирани со „Тоцилизумаб“ ќе биде спасен еден живот, појасни Хорби.
Истакна дека резултатите јасно ја покажуваат ползата од примена на комбинацијата на „тоцилизумаб“ и „дексаметазон“ во лекувањето на најтешките форми и последици на Covid-19. Оваа комбинација, како што тврди професорот Хорби, ја зголемува стапката на преживување, го скратува престојот во болница и ја намалува потребата од механичките вентилатори.