Аплаузи, стоечки овации и позитивни коментари доживеа македонската диригентка, маестра Дијана Имери Илкоска, по концертот којшто на 6 ноември се одржа во преполната сала на Државниот конзерваториум „Вано Сараишвили“ во Тбилиси, Грузија.
Маестра Имери Илкоска диригираше со Младинскиот оркестар „Гија Канчели“, а во Грузија отпатува на специјална покана од престижниот Камерен фестивал на Тбилиси, еден од најзначајните настани за љубителите на класичната музика.
Финалниот концерт на фестивалот кој секоја година се одржува од 2 до 6 ноември, со нашата маестра значеше и блескава круна на културните случувања во главниот град на Грузија.
И за време на пробите кои се одвиваа фантастично, а особено после концертот, се слушаа изјави од типот: „…за нас е огромна чест што соработуваме со Вас…“, „…првпат диригира жена со нашиот оркестар…“, „…навистина направивме фантастичен концерт по Ваша заслуга…“ итн.
Заедно со Младинскиот оркестар „Гија Канчели“, и маестра Имери Илкоска, како солисти настапија тројцата пијанисти со зад себе завидна кариера: Давид Аладашвили (Грузија), Мариана Ахба (Грузија/Франција) и Луис Швицгебел Ванг (Швајцарија), а на програмата беа изведени делата: уверирата од „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, Концертот за две пијана од Моцарт, како и Концертот за две пијана од Франсис Пуланк.
„Се уште ме држат позитивните впечатоци од настанот и од целата соработка со престижниот оркестар“, вели маестра Имери Илкоска. „Оваа покана за мене лично беше огромна чест, но на некој начин претставува и историски чин, затоа што бев првата жена којашто диригираше со тој оркестар. Но, и воопшто првата жена во таа концертна сала каде што има настапувано и славниот Сергеј Рахмањинов“.
Таа додава и дека навистина посебно се чувствувала во салата каде што се одржувале пробите – „Палата на младоста“, местото во коешто е потпишан Уставот на Грузија.
„И таму бев првата жена што застанала со оркестар како диригент. Всушност, огромна чест беше за мене и фактот што се работи за оркестар со огромни квалитети. Остваривме навистина прекрасна соработка, пробите течеа во креативна работна атмосфера и на крајот резултираа со многу успешен концерт, за којшто зборуваше целата грузиска јавност. Но, и самиот факт што салата беше распродадена до последното седиште. Плодна и успешна соработка остварив и со солистите коишто беа на ниво на задачата и сето ова резултираше со разговори за идни концертни проекти низ Европа“, вели Имери Илкоска.