Новинарите секојдневно се мета на разни напади, закани и уцени, а власта наместо да ги осуди, ги квалификува за проопозициски медиуми и новинари. Откако пред извесно време беше нападнат, денеска се одржа првото рочиште против новинарот Љупчо Златев за оддавање на државна тајна. Иако рочиштето се одложи за 23-ти ноември, новинарот смета дека сепак ова е класичен прогон против оние кои ја критикуваат власта.
„Процесот против мене е чисто политички процес, процес со кој на сите новинари треба да им се даде до знаење дека не смеат да објавуваат за кршење на човековите права од страна на службите“, напиша Златев вчера на неговиот фејсбук профил.
Тој исто така вчера упати и порака до државниот врв, поточно до премиерот Зоран Заев и претседателот на државата Стево Пендаровски.
„Се прашувам каде се претседателот Пендаровски и премиерот Заев да кажат два-три збора? Устите им се полни со европски перспективи а во исто време премолчуваат на класичното кршење на слободата на изразување“, стои во неговата објава на Фејсбук.
Златев вчера по излегувањето од судот, во изјава за медиумите објасни дека рочиштето е одложено по барање на неговиот адвокат да се направи увид во предметот.
„Го одложивме моето рочиште во кое ми се суди за издавање државна тајна, затоа што мојот адвокат Драган Пешевски побара увид во предметот“, изјави тој.
Меѓудругото, тој го повика судот на следното рочиште во ноември да го отфрли обвинението, потенцирајќи дека тој не оддал државна тајна, туку оддаде државен интерес.
„Верувам дека судот ќе се одважи и верувам дека ќе го отфрли ова обвинение од страна на обвинителот Јован Серафимовски затоа што самото обвинение содржи барање за цензура на слободата на изразување. Јас не оддадов државна тајна, јас оддадов државен интерес. Јас напишав текст поткрепен со докази во кој јасно се гледаше како се селектираат кадри во управата за безбедност и контраразузнавање односно во идната Агенција за национална безбедност(АНБ). Вреувам дека судот ќе се одважи, ќе покаже западни вредности, ќе покаже продемократски и прослободни вредности и дека на крај ќе добијам ослободителна пресуда затоа што јас не издадов државна тајна, туку издадов злоупотреба на тајните служби во Македонија“, рече Златев.
Ова не е прв случај во кој се гони новинар. Пред извесен период под ваков сличен прогон беше и новинарот и уредник на порталот Инфомакс, Александар Митовски кој беше осуден шест месеци условна казна доколку во наредните две години не го повтори делото, како обвинет за оддавање службена тајна при објавувањето на исказите на сведокот Орце Камчев во Јавното обвинителство за случајот „Рекет“. Но, од власта не осудија ниту еден од овие случаи.
Притисоци имаше и врз новинарот Драган Павловиќ Латас преку обвиненија на Специјалното јавно обвинителство за случаите Труст и Тотал кои самиот Латас ги нарече политички, а не кривични предмети.
Владата предводена од СДСМ повеќе пати ветуваше слобода на говор и слободни медиуми, но сведоци сме на се почестите физички пресметки, закани и притисоци… па дури и пресуди.