Пресс24: ДУИ ја смени плочата – Ахмети ретерира

ДУИ ја менува плочата. Партијата на Ахмети подлегнала под притисокот, и на последните состаноци се повеќе ретерирале од цврстите ветувања кои неодамна ги даде лидерот околу изборите на 5 јуни, дознава Press24 од извори упатени во преговорите.

Слична е состојбата и со ДПА. Во ситуација кога СДСМ цврсто стои на ставовите дека нема да се појави пред граѓаните, а ДУИ ги погазува цврстите гаранции, ВМРО-ДПМНЕ останува единствената партија која се залага за одржување на изборите.

Експертите велат дека во СДСМ се свесни дека имаат очаен рејтинг и сакаат продолжување на кризата. Според нив од Бихаќка се надеваат на дополнително влошување на состојбата водејќи се од тоа дека колку полоши времиња доаѓаат за државата, толку подобро ќе биде за нив.

Во таа насока и политичкиот аналитичар Владимир Божиновски, вчера изјави дека во СДСМ се свесни за тоа како партијата поминува меѓу граѓаните и дека ако имаа подобар рејтинг тие ќе излезеа на избори и во април.

Неофицијално ставот на “интегративците” оди на линија на тоа дека е подобро кризата да се пролонгира отколку да се ризикува со нејзино продлабочување.

Претходно, Ахмети демонстрираше прилично цврст став дека ДУИ ќе учествува на изборите на 5 јуни.