Престижната британска книжевна награда Букер (Booker) во четвртокот вечерта на виртуелната церемонија му беше доделена на Шкотот Даглас Стјуарт за неговиот дебитантски роман „Шаги Бејн“ (Shuggie Bain).
Свеченото доделување на наградата, која во Обединетото Кралство и поширико во англиското говороно подрачје, го има статусот на наградата Гонкур во Франција, вечерва беше организирана во салата „Раундхаус“ во северен Лондон, но повеќето познати личности, како и самиот автор, учествуваа преку видеоврска поради пандемијата на коронавирусот.
Станува збор за приказ за осомено момче во потрага по сопствениот идентитет кое несебично ја сака својата мајка, зависничка од алкохол, и останува со неа додека таа го прежувува пеколот во Глазгов во 1980-те години, во времето на Тачеризмот одбележан со сиромаштија, економска криза, маргинализација на работничката класа и верското секташтво. Оваа голема фреска на опустошените животи на малите луѓе која магистрално отсликува љубов, разочарување, зависност и самоуништување, е фантастично колку и потресно дело, наведе жирито во образложението.
Четириесет и четиригодишниот Стјуарт, и самиот растел во Глазгов од каде заминал во Њујорк каде работел во модната индустрија.
„Отсекогаш сум сакал да бидам писател, па ова претставува остварување на сонот. Тоа го измени целиот мој живот“, рече Стјуарт.
Во најтесниот избор за годинешен лауреат беа Американците Дајан Кук, Авни Доши и Брендон Тејлор, писателката од Зимбабве Цици Дангарембга и етиопско-американската писателка Мааза Менгисте. Едно од главните изненадување беше што годинава во потесниот избор не влезе двојната добитничка на Букер-от, англиската писателка Хилари Мантел.
На церемонијата учествуваше поранешниот американски претседател Барак Обама, кој зборуваше за неговите впечатоци од книгите што ги прочитал од добитниците на наградата, како и војвотката од Корнвол Камила и минатогодишните лауреатки Маргарет Атвуд и Бернардин Еваристо.
Идејата за наградата Букер е „родена“ во 1968-та, но првпат е доделена во 1969 година. До 2014 година за неа можеа да конкурираат само државјани на Обединетото Кралство, Ирска и земјите на британскиот Комонвелт, а оттогаш за наградата може да конкурираат државјани на која и да е земја а главниот услов е романот да биде напишан на англиски јазик и објавен од официјален издавач во Велика Британија во годината кога се доделува.
Првиот добитник на наградата во 1969-та беше британскиот писател Перси Хавард Њуби, кој беше награден за романот „Something to Answer For“ („Се бара одговор“, според превод на македонски), а меѓу лауреатите на ова признание беа познатите автори Ајрис Мардок, Кадзуо Ишигуро, Вилијам Голдинг. Во 2019 година имаше две добитнички: Канаѓанката Маргарет Атвуд и британската авторка Бернарден Еваристо.
Авторите кои ќе влезат во потесниот избор добиваат парична награда по 2.500 британски фунти, а нивните книги ќе бидат објавне во специјално издание. Лауреатот добива и парична премија од 50.000 фунти.