Сите четворица обвинети во случајот со смртта на малиот Алмир од Куманово се изјасниле како невини – пренесува „Телма“.
И возачот на мерцедесот, Бобан Илиќ кој го удри Алмир и таткото на детето, Седат Алиу и двајцата чичковци на Алмир, кои претходно се карале и го нападнале Илиќ. Во завршните зборови пред кумановскиот суд адвокатот на таткото на Алмир побара одново да почне главната расправа. Причина за ова е што обвинителството достави две нови вештачења, поради кои го преквалификува делото од убиство со умисла во тешки дела во сообраќајот, а токму вештаците кои ги изработиле немале лиценци.
За бранителот на Бобан Илиќ пак барањето на адвокатот на семејството Алиу е срамен чин. Смета дека неговиот клиент не само што не сторил убиство со умисла туку ниту делото кое му е на товар по преквалификацијата, тешки дела во сообраќајот. Смета дека настанот се случил од небрежност.
Сепак судот не прифати обновување на процесот и пресудата ја закажа за в четврток. Главен и круцијален доказ и за двајцата адвокати е снимката на која се гледа и расправијата меѓу Илиќ и Алиу и моментот кога мерцедесот удира во Алмир. Во овој случај обвинителството се премисли за делото во завршни зборови темелејќи го на двете вештачења кои сега се спорни за дел од одбраната. Ова ги раскара и во јавното обвинителство а министерот за правда си поднесе оставка тврдејќи дека е од морални причини.