Ненадеен пресврт се случи на тендерот за телевизиски лиценци во Грција, откако се покажа дека еден од претендентите, близок до Владата, издавачот Јанис Калогрицас, кој потекнува од познато бизнис семејство и победи на тендерот, не е во состојба да ја депонира бараната сума од 18,5 милиони евра од првата транша, поради што се повлече од трката, пишува весникот „Катимерини“.
Весникот оценува дека по повлекувањето на Калогрицас, во игра се враќа рускиот претприемач со грчко потекло Иван Савидис, кој првично се пријави на тендерот, но потоа се повлече.
Согласно регулативите, компанијата на Калогрицас, ДМИ треба следните недели да обезбеди околу 20,3 милиони евра за да и биде доставена четвртата телевизиска лиценца.
До вчера, кога беше последниот ден за исплаќање на првата транша од сумата за учество на тендерот, со ова барање се согласија другите тројца учесници, кои добија лиценци, телевизискиот канал Скај, компанијата Алтер Его и Антена ТВ. Првите две кои го добија тендерот, ја исплатиле сумата минатата недела, а Антена ТВ вчера достави 25,3 милиони евра.
Компанијата Колограцис е ќерка фирма на кипарската компанија Димера. Во неа акционери се синовите Јоргос и Никос на другиот кандидат за лиценца, рускиот претприемач Иван Савидис. Контролата на акциите во компанијата сепак ја има нивниот татко. За државната телевизија ЕРТ Савидис изјави дека подготвен веднаш да уплати 20 милиони евра, доколку добие дозвола од властите.
Стартната цена на лиценците беше определана на три милиони евра, а крајната варираше меѓу 43,6 и 75,9 милиони евра, многу повеќе над очекувањата на кандидатите. Државата си обезбеди вкупно 246 милиони евра.
Кандидатите беа претежно влијателни грчки семејства или бродски магнати, а целата тендерска постапка медумите ја означија како „лошо ријалити шоу, кое има за цел да го оттргне вниманието на луѓето од економските потешкотии“, бидејќи учесниците во него беа затворени во одделни простории во период од три дена без мобилни телефони и лаптопи.
Тројца од нив, вклучувајќи го и рускиот претприемач Иван Савидис, претседател на ФК ПАОК, се сопственици на фудбалски клубови.
Весникот „Елефтерос типос“ го нарече „Ватерло“ тоа што денеска се случи со тендерот, нагласувајќи дека тоа е неуспех на владиниот кабинетот и на инициајторите на таа трка за владини лиценци.
Владата тендерот го означува како обид да се регулира секторот, кој според неа е лошо управуван и корумпиран. Аналитичарите стравуваат дека новите лиценци ќе доведат само до прераспределба на пазарот и до затворање на некои телевизии, оставајќи илјадници луѓе без работа.
Предлогот на надлежните за лиценци се ограничува само на четири телевизии, што значи дека некои од вкупно осумте канали, кои досега имаа национална лиценца, ќе треба да бидат затворени.