Претепан млад кошаркар на Работнички затоа што постигнал 40 кошеви

Кога работите во спортот се решаваат на неспортски начин доаѓа до несакани сцени. Имено, еден кошаркар на скопскиот клуб ФМП до 16 години не можел да го поднесе поразот од Работнички, па решил да ги земе работите во своја рака и да го неутрализира најдобриот стрелец и поединец на противникот, кој постигнал 40-тина кошеви, пред реваншот во саботата, велат во кошаркарските кругови. Со неколкумина свои другари го претепале Г.М. од Работнички.

„На 28.05.2022 во 17.30 часот Л.М. (47) од Кочани пријавил дека на 27.05.2022 околу 13.30 часот на подрачјето на Центар, по претходна вербална расправија, неговиот малолетен син бил физички нападнат од двајца малолетници“, пишува во билтенот на МВР и велат дека се работи на расчистување на случајот.

Од Кошаркарската федерација на Македонија ни рекоа дека на средбата немало ништо и дека се’ што се случува надвор од теренот е во надлежност на МВР.

Работнички и ФМП играле плејоф мечеви во У-16, а на Г.М. му тргнало и дал 40-тина поени. Тоа го изнервирало еден кошаркар на ФМП и решило лично да се пресмета со него, велат во кошракарските кулоари и додаваат дека во петокот му се јавил по телефон и му рекол дека треба да се видат. Средбата била закажана пред средното фискултурно училиште во Скопје, каде Г.М. учел во спротската академија. Откако се сретнале, насилникот од ФМП, инаку ученик во гимназијата Јосип Броз Тито, почнал да му се заканува на кошаркарот на Работнички и потоа физички го нападнал. Во тепањето на Г.М. му се придружиле и другарите на насилникот, а потоа избегале. Претепаниот играч на Работнички, по инцидентот се јавил телефонски во својот клуб и ги известил надлежните за тоа што се случило.

Во саботата мечот Работнички  – ФМП се одиграл без присуство на публика, но со засилено присуство на полиција. Работнички загубил. На оваа средба играле и нападнатиот Г.М. кој имал видливи модрици, но и напаѓачот од ФМП.

Во спортот нема место за насилство, а поразите и победите се составен дел од натпреварите.