Претепаното бебе не е во животна опасност, но има оштетувања на мозокот

Здравствената состојба на претепаното 14-месечно бебе е добра и не е во животна опасност, почнало да прима храна, но има фрактури на потколениците и на подлактица, од лево кои не се витално, но има поголеми оштетувања на мозокоти дијагностицирано е и оштетување на очниот нерв, велат за МИА од Клиниката за детска хирургија.

Бебето е сместено на Одделот за интензивна нега. Сега општата состојба е добра. Има некои испади, тикови, стари и нови крварења на мозокот, некои жаришта. Се прави проценка на тоа, ќе треба да се прави операција, но за тоа ќе треба време за да се санира. Колегите од Очната клиника дијагностицираа оштетување на очниот нерв. Сега си прима терапија за тоа, но понатаму да видиме како ќе реагира. Ќе треба време, изјави доктор Марјан Камилоски.

Според него, детето веројатно било тепано и малтретирано многу поодамна пред да биде донесено во Клиничкиот центар.

На Клиниката имаме нова добро опремена интензивна нега, каде што има најдобри услови во целата Република. Колегите од Неврохирургија реновираат и тоа дете не е за таму. Тука има тим на реаниматори, има тим што се грижи околу него и на ниво на нашата држава најсоодветна нега може да се пружи само на Детска хирургија, додаде Камилоски.

Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) Ирина Сотирова Бухова во изјава за МИА рече дека во врска со случајот со претепаното бебе постапиле во рамки на нивните надлежности односно извршиле вонреден инспекциски надзор кај матичниот лекар на претепаното 14-месечно бебе и во вакциналниот пункт во Здравствениот дом „Јане Сандански“.

Посочи дека констатирале дека детето пет пати било носено на преглед кај матичен лекар изминатите неколку месеци од кои последниот пат на 4 април, а претходно во февруари. Сите посети, истакна, се во однос на горно респираторна инфекција, дадена е потребна терапија и детето не е однесено на контролен преглед.

Извршен е инспекциски надзор во вакциналниот пункт во Здравствениот дом „Јане Сандански“ каде е лоцирана и матичната докторка на детето. Од евиденцијата во здравствениот пункт констатирано е дека дете со такви генералии не се наоѓа во нивната архива, односно не е воопшто вакцинирано, потенцира Сотирова Бухова.

Во врска со тоа дали детето е однесено на лекар со симптом од паѓање или модрици по телото и по главата, појасни дека таков податок во здравствениот картон не е евидентиран.

Бебето, неговата мајка на 7 јули го однела во Клиничкиот центар во Скопје во коматозна состојба со скршеници на черепот и крварење во мозокот, дехидрирано и неухрането.