На европските берзи се тргува претпазливо во средата, со благ пораст на индексите, додека инвеститорите ги очекуваат новите квартални деловни извештаи од компаниите и пораките од челниците на американската централна банка.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции порасна за 0,4 отсто, достигнувајќи ново рекордно ниво. Лондонски FTSE индекс се зголеми за 0,02 отсто, на 8.535 поени, а франкфуртски DAX за 0,36 отсто, на 21.505 поени. Парискиот CAC, пак, ослабе за 0,39 отсто, на 7.865 поени.
Денеска, како и претходните денови, фокусот ќе биде ставен на деловните резултати на компаниите. Дополнително, по денешната средба ќе бидат следени и пораките на челниците на американската централна банка. Не се очекуваат дополнителни намалувања на каматните стапки, но инвеститорите внимателно ќе ја анализираат изјавата на Fed.
Цените на акциите пораснаа и на азиските берзи. Јапонскиот индекс Niikei порасна за околу 1 отсто, додека цените на акциите во Австралија пораснаа за 0,6 отсто. Берзите во Кина, Хонгконг, Јужна Кореја и Тајван се затворени поради празници.
Така, берзите го следат вчерашниот раст на Волстрит, кога индексот Dow Jones порасна за 0,3 отсто, S&P 500 за околу 0,9 отсто, а индексот Nasdaq за 2 отсто. Индексот на технолошкиот сектор S&P 500 порасна за 3,6 отсто, а индексот на секторот производители на чипови за 1,1 отсто.
Така, овие сектори вратија дел од загубите од претходниот ден, кога беа потресени од веста дека кинескиот стартап DeepSeek разви апликација базирана на вештачка интелигенција која можеби е подобра од американските конкуренти, а и поевтина. Откако претходниот ден потона за 17 отсто, цената на акцијата на Nvidia, најголемиот светски производител на чипови за вештачка интелигенција, вчера порасна за речиси 9 отсто.
И покрај закрепнувањето на пазарот, инвеститорите се внимателни, на што укажува и падот на обемот на тргување. Вчера на американските берзи се сменија околу 13,8 милијарди акции, а претходниот повеќе од 17 милијарди.