Претпазливо тргување на берзите во Европа и Азија на почетокот од седмицата

Европските берзи благо паднаа во понеделникот во претпладнето по минатонеделните добивки, во претпазливото тргување додека инвеститорите очекуваат нови вести кои би можеле да ги насочат пазарите.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше намален за 0,2 отсто во првиот дневен пресек, откако во петокот достигна рекордно ниво. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,17 отсто, на 8.360 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,40 отсто, на 18.830 поени, а париски CAC 0,50 отсто, на 7.590 поени.

По силниот раст минатата седмица, претпладнево индексите се во минус бидејќи инвеститорите се внимателни. Меѓу другото, поради тоа што американските берзи денеска се затворени поради празник, па на инвеститорите им недостигаат насоки.

Внимателно се тргува и на азиските берзи. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот период од тргувањето како и во Европат беше речиси непроменет во однос на претходниот трговски ден. Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei зајакна за 0,1 отсто, а благо пораснаа и цените на акциите во Австралија и Јужна Кореја. Во Шангај и Хонгконг паднаа меѓу 1,1 и 1,8 отсто.

Инвеститорите беа загрижени од лошите показатели од Кина. PMI индексот на индустриска активност во втората според обемот светска економија падна во август на само 49,1 поен, пониско од очекувањата на аналитичарите и на најниско ниво во последните шест месеци. Веќе четврти месец по ред индексот се движи под границата од 50 поени, што укажува на пад на активноста.

Од друга страна, индексот на услужната активност PMI порасна од јулските 50,2 на 50,3 поени. Но, тоа не ја намали загриженоста на инвеститорите за слабоста на втората по големина економија во светот.

Пазарите се поддржани од верувањето на инвеститорите дека американската и европската централна банка ќе ги намалат каматните стапки овој месец, што треба да го поддржи економскиот раст.