Претпазливо тргување на Волстрит пред извештајот за инфлацијата во САД

На Волстрит во понеделникот берзанските индекси забележаа само мали поместувања, бидејќи инвеститорите се внимателни пред извештајот за инфлацијата во САД, што може значително да влијае на насоката на пазарите.

Индексот Dow Jones зајакна 0,16 отсто, на 34.337 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,08 отсто, на 4.411 поени, а индексот Nasdaq 0,22 отсто, на 13.767 поени.

По две седмици значителен раст, индексите вчера стагнираа бидејќи инвеститорите не сакаат да ризикуваат пред објавувањето на извештајот за инфлацијата во САД, кој ќе биде објавен подоцна во вторникот.

Економистите проценуваат дека во октомври стапката на инфлација се лизнала на 3,3 отсто, од 3,7 отсто во септември. Но, оценуваат и дека основната стапка на инфлација, од која се исклучени цените на енергијата и храната, останала непроменета.

Цените на акциите пораснаа во последните седмици бидејќи инвеститорите веруваат дека американската централна банка го завршила циклусот на зголемување на каматните стапки, иако од Fed велат дека е можно дополнително заострување на монетарната политика.

„Податоците за инфлацијата, како и податоците за вработеноста, се главните двигатели на финансиските пазари долго време, бидејќи покажуваат што може да направи Fed. Пазарот проценува дека Fed нема повторно да ги зголеми каматните стапки, но за тоа да се остари, инфлацијата мора да продолжи да слабее“, објаснува Мет Стаки, менаџер на портфолио во компанијата „Northwestern Mutual Wealth Management Company“.

И на европските берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонски FTSE индекс зајакна 0,89 отсто, на 7.425 поени, додека франкфуртски DAX зајакна 0,73 отсто, на 15.345 поени, а париски CAC 0,60 отсто, на 7.087 поени.