Претпазливост на Волстрит, индексите стагнираа

На њујоршки Волстрит, берзанските индекси останаа главно непроменети во понеделникот, бидејќи инвеститорите и натаму се претпазливи, имајќи предвид дека каматните стапки од американската централна банка Федералните Резерви (Federal Reserve – Fed) би можела да останат покачени подолг период од очекуваното.

Индексот Dow Jones загуби 0,03 отсто, на 38.892 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,04 отсто, на 5.202 поени. Индексот Nasdaq зајакна, пак, за 0,03 отсто, на 16.253 индексни поени.

На најголемата светска берза со денови се тргува неизвесно, бидејќи сите најнови податоци покажуваат дека американската економија постојано расте и дека пазарот на трудот е цврст. А тоа значи дека американската централна банка нема причина да брза со намалување на каматните стапки, што го навестуваат и повеќето претставници на Fed деновиве.

Додуша, вчера претседателот на филијалата на Fed во Чикаго, Остан Гулсби, изјави дека централната банка мора да земе предвид колку долго може да води рестриктивна монетарна политика без тоа да ѝ наштети на економијата. Но, изгледите дека Fed ќе ги намали каматните стапки на состанокот во јуни избледе.

„Волстрит се прилагодува на тезата дека Fed може побавно да ги намали каматните стапки од очекуваното. Се чини дека тоа намалување може да дојде во јули, а не во јуни“, вели Сем Стовал, стратег во компанијата „CFRA Research“.

Меѓутоа, тоа ќе зависи од понатамошните економски показатели, главно од инфлацијата. Затоа, во фокусот на инвеститорите оваа седмица ќе биде извештајот за потрошувачките цени во САД во март. Базичната стапка на инфлација, без цените на енергијата и храната, се проценува дека благо се лизна на 3,7 отсто, од 3,8 отсто еден месец порано. Тоа останува далеку над целното ниво на Fed од околу 2 отсто.

Инвеститорите се претплазиви и бидејќи кон крајот на седмицата започнува сезоната на објавување на квартални деловни извештаи на компаниите. Аналитичарите анкетирани од Reuters проценуваат дека заработката на компаниите од индексот S&P 500 пораснала во просек за 5 отсто во првиот квартал во споредба со истиот период минатата година. На почетокот на кварталот се очекуваше раст на заработката од 7,2 отсто.

А на европските берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонски FTSE индекс зајакна за 0,41 отсто, на 7.943 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,79 отсто, на 18.318 поени, а париски CAC 0,72 отсто, на 8.119 индескни поени.