Фудбалските гиганти од Милано нема по добро да го паметат 17-то коло од годинешното италијанско првенство, бидејќи откако во саботата Интер на домашен терен беше совладан од Удинезе со 1:3, во неделата Милан исто така беше убедливо совладан со 0:3 на гостувањето кај претпоследната Верона.
Куриозитет од овој меч е што Верона од четирите удари во рамките на противничкиот гол постигна три гола, а стрелци беа Карачоло во 24, Кин во 55 и Бесса во 77 минута. Со третата победа сезонава, Верона привремени се извлече од зоната за селење во понизок ранг, и со 13 бодови е на 17-то место. Милан, пак, со 24 бодови остана на седмото место.
Милан дуелот го заврши со десет играчи, бидејќи во завршницата беше исклучен Сусо, поради опасен старт врз противничкиот играч и прекумерна грубост.
Во водство на табелата е Наполи со 42 бода, пред Интер со 40 бодови. Јувентус и Рома имаат по 38 бодови, но и двете екипи во недела вечер ги играат своите натпревари од колото.