
Наградата „Претприемач на годината“ вечерва, по седми пат, ќе биде доделена во Скопје, а наградите се наменети за успешните претприемачи од микро и малите претпријатија.
Изборот се темели на податоци за микро и мали претпријатија на територијата на Македонија, што Координативното тело на „Претприемач на годината“ ги добива од Централниот регистар на Македонија. За најдобри микро и мали претприемачи се сметаат оние кои во последните три години од работењето го зголемиле бројот на вработените, имаат постојан раст на приходите и добивката, како и раст на инвестициите.
Престижната манифестација „Претприемач на годината“ е иницијатива на Сојузот на стопански комори. На оваа иницијатива се приклучија и Македонската развојна фондација за претпријатија, која оваа година одбележува 15 години од основањето и Стопанска комора на Северозападна Македонија.
Коорганизатор на манифестацијата е Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење, а организатор и институционален покровител е Министерството за економија.
Организаторите сметаат дека истакнувањето на позитивните примери кај претприемачите може да поттикне многумина да започнат свој бизнис и на тој начин да влијаат врз развој на претприемништвото во Македонија.