За секој кој ја следи македонската политика, не е вест дека политичките опонентии не се сакаат. Не само штo не се сакаат, се мразат без да можат да го прикријат презирот еден кон друг. Со години гледаме ниска точка во нашиот национален дискурс, што е кристализација на трендот што долго се развиваше: омразата кон спротивната страна. Ова не е ништо ново. Сепак, ова ниво на омраза – кое политиколозите го нарекуваат „негативна партизација“ – достигна нивоа кои не се само лоши за демократијата, туку се потенцијално деструктивни. А, екстремнотo партискo непријателство е увертира за демократски колапс. Постојат два вида политичка поларизација: идеолошка поларизација, која е поларизација на самите политички прашања, и афективна поларизација, која е поларизација во нашите емоции и ставови – во тоа како се чувствуваме кон оние со кои не се согласуваме политички. Сакам да зборувам за второто. Зошто имаме толку силни негативни емоции кон нашите политички противници?
Во македонската политика тешко оди разбирањето на нашата најопасна емоција – омразата. Кај нас омразата во политиката е мотивирана од одмазднички ставови, кои се морално неодбранливи. Дехуманизирачките форми на презир и омраза со кои живееме веќе триесет години во Македонија се деструктивни, нехумани и бесмислени, бидејќи тие го намалуваат статусот на целта на суштество без вродено достоинство. Омразата значи непочитување и може да предизвика чувство на вина, што може да ги мотивира луѓето да се променат.
Не и кај нас.
Се лажеме ако мислиме дека омразата и презирот кон нашите политички противници се само алатки што ги користиме за да се обидеме да и’ помогнеме на нашата страна да победи, а не искрени изрази на нашите најдлабоки вредности. Напротив, кај нас навистина се мрази и се чувствува презир кон политичките опоненти. Видете само колку омраза се излеа на улиците за време на шарената револуција и прогонот на вмровците за 27 април. Во Македонија ВМРО и нивните поддржувачи навистина се мразат и кон нив се однесуваат со презир. Мразат политичките противници, мразат „критички медиуми“. Особено од омразата профитираат социјалните медиуми, кои добиваат поголемо внимание кога политичката поларизација е на највисоко ниво.Тоа треба да биде вознемирувачки, а во најлош случај психолошки и емоционално штетно, но не гледам дека тоа е проблем кој ги загрижува оние што мразат. Дури гледам како се поттикнува дехуманизирачки или одмазднички верзии на омраза.
Новиот Премиер на Македонија знае често да повика на национално единство и помирување во обид да ја амортизира политиката на омраза. Тоа е онаа борба за душата на Македонија, која треба да ја најдеме во конфликтот меѓу „нашите најлоши инстинкти – на кои се изнагледавме во последно време – и нашите добри ангели“. Помеѓу „прво јас“ и „ние граѓаните“. Ја сум еден од оние што е скептичен кон неговите повици за национално единство со луѓе кои безпричински мразат и кои во омразата гледаат главен извор на своето егзистенцијално значење. Видовме колку зло нанесоа досега, заслепени од својата омраза. Со ова зло не можам и не сакам да се помирам. Верувајте, многумина го делат мето чувство. Знам дека демонизирањето на другиот, негирањето на неговата хуманост е примитивен рефлекс, кој произлегува од периодот во нашиот развој како човечки суштества, во кој конфликтите се однесуваа на опстанокот на поединецот и племето. Но, знам и тоа дека омразата која рециклираните комунисти ја проектираат кон своите политички опоненти нема да се промени и исчезне само затоа што наивно веруваме дека намалувањето на екстремната поларизација е клучна за стабилизирање на демократијата во Македонија и дека поларизирана Македонија не може да проектира знаци на единство, нужни за нашиот пат кон Европската Унија.
Политичката омраза во Македонија веројатно нема да доведе до колапс на демократија, но, сепак, има штетен ефект врз демократијата и може да ги еродира демократските институции и функционирањето на државите со текот на времето. Што е евидентно денес, повеќе од кога било порано. Токму на партиските лидери е положена одговорноста да ја извлечат државата од тој погубен круг на политичка омраза. Можеби многумина како мене ќе се чувствуваат фрустрирани од повикот за национално единство и помирување зашто имаат високи нивоа на непријателство кон оние во политиката кои последните седум години им нанеле безпричинско зло и го поддржуваа политичкото однесување кое индуцира одмазда. Но, нацијата треба да се залечи и има очајна потребата за единство кое е суштинско за нејзиниот опстанок. Можеби повикот на Премиерот за единство на нацијата сепак е далечна надеж, но да се надеваме дека е можно. Тенденцијата да се понижи и бара одмазда преку насилство само ќе ја продлабочи политичката недоверба и ќе ги зацврсти циклусите на одмазда со секоја промена во владата. Кога омразата ќе стане примарен мотор што ја движи политичката машинерија, државата е осудена на пропаст. А, со тоа и нашата иднина. Затоа овој бесконечен циклус на омраза и одмазда мора да заврши во одреден момент и правдата треба да се сервира без насилство.
Дали моментот е сега? Кој знае.
Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес