Претрес во фирми во Атина поврзани со нелегалниот софтвер за прислушување

Во шест фирми во Атина поврзани со нелегалниот софтвер за следење Predator, извршила претрес Службата за борба со електронски криминал по добиен налог од грчкото обвинителство, пренесуваат во вторникот грчките медиуми.

Паралелно во рамките на истрагата, претрес бил извршен и во домовите на вработени во конкретните фирми.

Државната новинска агенција ANA-MPA објави дека станува збор за широка операција на обвинителството со ненадејни претреси, а во фокусот се најмалку шест компании поврзани со конкретниот софтвер.

Според информациите на кои се повикува ANA-MPA, обвинителите кои ја водат истрагата искористиле податоци од изминатите денови, но и документи, како и изјави на сведоци.

Согласно натписите во медиумите во Грција од изминатиот период, политичари, бизнисмени, новинари и сл биле прислушувани и од Националната служба за разузнавање, но и со помош на нелегалниот софтвер.

Ставот на грчката Влада е дека ниту тие, ниту пак некоја државна служба никогаш не го набавиле или користеле конкретниот софтвер.

Во петокот, Парламентот го изгласа новиот закон за Националната служба за разузнавање (EIP) и безбедност на комуникациите, кој меѓу другото, предвидува и целосна забрана на поседување, употреба или трговија на нелегални софтвер за следење.