Претреси во повеќе објекти за истрагата за случајот „Плацеви на Водно“

Јавното обвинителство ја потврди во вторникот попладнето информацијата дека по наредба на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција се вршени претреси, но посебно не ги потврди медиумските информации дека бил извршен претрес во станот на поранешниот премиер Никола Груевски.

„По барање на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска е извршен претрес во повеќе објекти. Претресот е во рамки на истражните дејствија во предметот во јавноста познат како „Плацеви на Водно“.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција продолжува во континуитет да презема дејствија во насока на целосно расчистување на предметот“, се наведува во соопштението на Обвинителството, без да наведе поединости.

Како што неофицијално дознаваат медиумите, претресите се извршени на две локации во вторникот рано утрото, поради собирање  докази во истрагата за случајот „Плацеви на Водно“. Според истите извори, една од тие локации е и имот на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески во Прилеп, кој инаку не е осомничен во овој случај.

Претрес бил направен во зградата на улицата „Бихаќка“, во којашто живееше поранешниот премиер Никола Груевски, а ова е вторпат откако се отворени истрагите против него, да се врши претрес во негов дом.

Истрагата за случајот „Плацеви на Водно“ по речиси три години е пред крај според тврдењето на Обвинителството, и во рамките на неа пред десетина дена беше приведен и бизнисменот Орце Камчев поради наводен сомнеж за бегство. Осомничени се и мајката на Камчев, Никола Груевски, неговиот кум Ристо Новачевски и братучед Сашо Мијалков.