Претседател на Здружение на Инвалидски пензионери фалсификувал деловни книги

Претседател на Здружение на Инвалидски пензионери фалсификувал деловни книги. Тој поднел лажни податоци за двајца членови и потписници на собранието кои, не биле членови на здружението туку се членови на Здружението на старосни пензионери.

Поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“, и „фалсификување или уништување деловни книги“ СВР Охрид поднесе посебен извештај поврзан со М.П.(75) од Охрид.

Пријавениот, во својство на претседател на Здружение на Инвалидски пензионери – Охрид, со искористување на службената положба и овластување и со пречекорување на своите овластувања, на годишното собрание одржано во март 2011-тата година, спротивно на Статутот на здружението влијаел да се донесат неколку одлуки, меѓу кои и избор на претседател.

Како што соопштува МВР споменатиот претседател на Здружение на Инвалидски пензионери  поднел лажни податоци за двајца членови и потписници на собранието кои, не биле членови на здружението туку се членови на Здружението на старосни пензионери.

Со такво внесување на лажни податоци во службен документ-спис што е должен да го води врз основа на закон, пријавениот изготвил и со свој потпис и печат заверил документ за одржано годишно собрание и членови на собрание со невистинити податоци.

Од увидот во документација од Централен регистар на Република Македонија за членови на здружението, извршен од СВР Охрид во текот на април 2015 година, констатирано е дека член на здружението е лице кое починало во декември 2009 година.