Претседателката на Судскиот совет разрешена – нејзиниот заменик сам го стави предлогот на гласање

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, е разрешена од функцијата, констатира нејзиниот заменик Селим Адеми. По кавгите што траеја речиси четири часа, а кога Дамева одби да се стави на гласање точка што ја немаше на дневен ред, нејзиниот заменик реши да се гласа со кревање рака. Седум члена го поддржаа заменикот, кој го презеде раководењето на седницата при нејзино присуство.

„Претседателката е разрешена и веќе не може да раководи со седницата. Утре, во 11 часот закажуваме нова седница. За денеска седницата е завршена“, констатира заменик-претседателот на Судскиот совет, Селим Адеми.

Дамева бараше да се констатира дека ѝ е одземено раководењето со седницата иако таа е присутна.

„Претседателот, иако е во салата, заменикот самоволно му го одзема раководењето и става точка на дневен ред. Јас сум ваш заложник и на луѓето што ви дадоа налог за седницата да се прекине“, рече Дамева.

Додека сум член на Судскиот совет ќе се борам да бидат работите како што треба. Врз мене нема притисоци и јас не работам под влијанија однадвор, додаде таа.