Претседателката Сиљановска Давкова ги прими избраните жени менаџерки за 2024

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Вила Билјана во Охрид, ги прими избраните жени менаџерки за 2024, од земјава и регионот, во рамки на манифестацијата „Избор на најуспешни жени“, организирана од агенцијата „Марили“.

На средбата беше разговарано за целите на манифестацијата, која се одржува веќе 28 години, како единствена во земјава и со најдолга регионална традиција. Во духот на симболичната, „Жена водилка“ – статуетка што се врачува на добитничките, оваа манифестација континуирано го промовира женското менаџерство.

Во таа насока соговорничките ја запознаа претседателката Сиљановска Давкова и со активностите на Марили Бизнис Клубот (МБК) формиран во 2016 година, а во кој членуваат успешни бизнис лидерки што низ годините биле носителки на признанието. Обединувајќи над 150 менаџерки, клубот се фокусира на засилена соработка, вмрежување, хуманитарни настани и охрабрување на младите жени да се остварат во бизнис сферата.

Директорката на „Марили“ Лидија Трипуновска информираше за единственото ексклузивно печатено дело „Бизнис каталог на Македонија“, што агенцијата го издава веќе 28 години, со цел промовирање на македонските значајни природни, географски, економски, еколошки, културни и спортски потенцијали.

Упатувајќи честитки до избраните жени менаџерки за 2024, претседателката Сиљановска Давкова го нагласи нивниот личен пример како поттик за поголема вклученост на жените во бизнис секторот. Во тој контекст изрази задоволство и од посветеноста на агенцијата, која со нејзините иницијативи, проекти и активности, придонесува кон унапредување на женското менаџерство, како еден од клучните предуслови за одржлив развој на нашето општество.