Претседателот Иванов го прими европскиот шампион Игор Стефановски – Иџе – историски успех во македонскиот автомобилизам

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска гo прими македонскиот автомобилист, Игор Стефановски – Иџе, по повод освојувањето на титулата европски шампион на ридски патеки во класата H, со што ги исполни и критериумите за добивање на признанието спортист од светска категорија.

PRM-Stefanovski2

Претседателот Иванов им честита на Стефановски и на членовите од неговиот тим за освоената титула, потенцирајќи ја важноста на тимската работа како основен предуслов за големите успеси. – Со врвните резултати кои што во континуитет ве следат, ја претставувате Република Македонија во вистинското светло. Вие сте позитивен пример и мотив за голем број млади луѓе кои што од вас ќе учат за спортските вредности. Ваков подвиг во која било област, заслужува големо внимание и почит. Ви посакувам уште многу вакви достигнувања кои што истовремено придонесуваат и за меѓународната афирмација на Република Македонија, рече на средбата претседателот Иванов.

Игор Стефановски – Иџе, му се заблагодари на претседателот Иванов за укажаната чест, притоа споделувајќи ги импресиите од освоената титула како и предизвиците со кои што се соочил на тркачките патеки. – Мислам дека е гордост за сите спортисти, а воедно и наша одговорност да ја претставиме Македонија на едно добро ниво секаде каде што настапуваме. Ова е огромна сатисфакција за нас, но верувам дека со ваквиот добар пласман ја израдувавме и целата македонската јавност, истакна нашиот најдобар автомобилист.

PRM-Stefanovski3

Игор Стефановски – Иџе и неговиот механичарски тим постигнаа историски успех во македонскиот автомобилизам. Станува збор за најпознат и најспектакуларен шампионат за ридско брзински натпревари во Европа и во светот, под покровителство на Меѓународната федерација за автомобилизам (ФИА). На шампионатот учествуваат најквалитетните автомобилисти од Европа и професионални фабрички тимови.