Претседателот Иванов останува на одлуката за аболиција. Како што соопшти во обраќањето, причината за неповлекувањето на одлуката е државниот интерес на Македонија.
Свесен сум за одговорноста која ја презедов. Внимателно ги проследив и анализирав сите реакции по мојата одлука. Сметам дека одлуката го штити исклучиво државниот интерес и сакам да информирам дека останувам на истата, рече тој во однос на одлуката за аболиција.
Иванов побара секој оној што сака својата невиност да ја докажува на суд, да поднесе барање во писмена форма.
Уште еднаш повторувам: Секој оној кој смета дека сум му одземал право, сум сторил лоша услуга и својата невиност сака да ја докажње на суд, го повикувам лично во писмена форма да поднесе барање за поништување на одлуката која се однесува на него. Кога ќе ги добијам таквите барања, ќе повикам правни експерти да понудат можно право решение, рече тој и додаде дека и политичките партии може со свои правни експерти да се вклучат во овој процес, рече Иванов.
Иванов побара претставниците на Меѓународната заеедница кои што се вклучени во процесот да помогнат сите страни да си ги преземат преземените обврски од Договорот од Пржино, а потписниците на договорот да ги спроведат преземените обврски и да овозможат слободни, фер, демократски и кредибилни избори.
Целта на носењето на одлуката е таа да биде гаранција дека до денот на оддржувањето на изборите партиите, нивните поддржувачи, работата на институциите и претставниците на Меѓународната заедница нема да бидат злоупотребени во спроведувањето на изборниот процес. Очекувам распишаните избори на 5-ти јуни да бидат вовед во ново поглавје на Република Македонија, рече тој.