Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов престојува во официјална посета на Република Србија, каде денеска во главниот град ќе има средба со неговиот домаќин претседателот Томислав Николиќ.
Иванов, како што јави известувачот на МИА од Белград, ќе биде пречекан со највисоки државнички почести, а во чест на неговата возвратна посета од вчера на улиците низ српскиот главен се вејат македонски и српски знамиња.
Како што информираат од Кабинетот на македонскиот претседател, поканата и посетата на Белград се во рамките на веќе постојниот дијалог на највисоко ниво, но и во рамки на планот и во новиот, втор мандат, претседателот Иванов, како една од стратешките цели, да продолжи да ги јакне добрососедските односи и регионалната соработка. Планот е да се реализираат размени на посети во повеќе земји од регионот, со цел давање на натамошен импулс на билатералната соработка, размена на мислења за евроатланските интеграции и за приоритетите на регионалната соработка.
На средбата со претседателот Николиќ се очекува да бидат потврдени добрососедските односи, да продолжи да се јакне севкупната соработка, особено во економијата и регионалната соработка.
Односите со Србија се на исклучително ниво, а како што наведуваат од Кабинетот на претседателот Иванов, заедничката седница на двете влади и најавата за следна таква седница доволно говори за тоа. Се очекува овој тренд да продолжи, особено во сферата на економијата и регионалната соработка, односно крупните проекти за регионални инфраструктурни поврзувања, патни, железнички, инфраструктурни, но и зајакнување на соработката и во останатите сфери како евроинтеграциите, културата, здравството, безбедноста.
Од Кабинетот додаваат дека двете соседни земји доследно се придржуваат до Коминикето од 2009 година, според кое, разликите по одредени прашања не смеат да бидат пречка за развојот на севкупната соработка, модел што двете земји го применуваат и е позитивен за нашиот регион. Се очекува да се разменат мислења и за состојбите и предизвиците во регионот, регионални прашања, особено со оглед на претстојното претседавање на Србија со ОБСЕ.
Во соопштението за медиумите за посетата на македонскиот претседател Иванов на Белград, Кабинетот на српскиот претседател Николиќ наведува дека таа се реализира во духот на добрососедството и пријателските и блиски врски помеѓу двата народа.
– Политичкиот дијалог помеѓу Србија и Македонија во последните две години е интензивиран, продлабочен и квалитативно унапреден со посетите и средбите на највисоко ниво, стои во соопштението од Кабинетот на српскиот претседател.
Претседателот на Србија Томислав Николиќ беше во официјална посета на Македонија во октомври 2012 година.
Македонскиот претседателот Иванов денеска ќе има работна средба и со претседателката на Народното Собрание на Република Србија, Маја Гојковиќ.
За време на официјалната посета, Иванов во Панчево ќе оствари средби со претставници на македонското национално малцинство во Република Србија.
Утре во Белград претседателот Иванов ќе учествува на 38-та средба на Европската група на Трилатералната комисија, што се оценува како собир на највлијателните луѓе во светот односно се смета за „светска влада во сенка“.
Српските медиуми пишуваат дека на оваа многу значајна конференција ќе има околу 180 учесници и оти таа првпат се одржува во Србија. Меѓу учесниците се најголемите светски и европски банкари и индустријалци, како и поранешни и сегашни политичари. Најважната личност од светот на бизнисот која се очекува да присуствува на конференцијата, според овдешните медиуми, е Питер Сатерленд, претседател на најголемата инвестициска банка „Голдман Сакс“. Од регионот поканети да присуствуваат на оваа средба се македонскиот претседател Иванов, црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ, претседателот на Република Српска Милорад Додик, како и членот на претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ. Учеството на Трилатераната конференција вчера го откажа претседателката на Косово Атифете Јахјага.
На конференцијата ќе бидат отворени теми кои се од интерес на Република Македонија и за регионот.
– Тоа е можност за размена на мислења за предизвиците со кои се соочува Република Македонија и земјите од регионот на патот на интеграциите, за состојбите и перспективите на регионот, наведуваат од Кабинетот на Иванов.
Инаку, 38-та средба на Европската група на Трилатералната комисија ќе започне вечер, а се очекува на отворањето да се обрати српскиот премиер Александар Вучиќ.