Претседателот на Албанија го потпиша законот за амнестија кој се однесува и на осудените за корупција

Албанскиот претседател Бајрам Бегај го потпиша во вторникот законот за амнестија од кривични дела, кој беше изгласан во четвртокот со 110 гласови од вкупно 140 колку што пратеници има албанскиот законодавен дом.

При донесувањето на законот министерот за правда Улси Мања рече дека корист ќе имаат 1.100 затвореници, при што 700 ќе бидат ослободени веднаш, а на останатите 400 ќе им биде намалена казна. Во исто време на 2.700 лица ќе им биде укината условната казна.

„Тврдењата дека со амнестијата нема да бидат опфатени лица осудени за корупција, неколку членови на законот го потврдуваат спротивното. Во член 244 и 245 стои дека намалување на казната ќе има и за лица вршители на јавни функции осудени за активна корупција, како и за активна корупција на високи државни функционери или локални избраници“, наведува телевизијата Top Channel.

Се смета дека ова го потврдува тврдењето на официјалниот лидер на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша, дека има некаков таен договор меѓу владејачките социјалисти и опозициските демократи-приврзаници на Сали Бериша. Баша и десетте пратеници кои се негови поддржувачи излегоа од сала и не гласаа за законот.

Инаку, со законот ќе бидат опфатени осуденици мажи кои имаат помалку од четири години од затворската казна, жени и малолетни лица кои им останува уште 5 години од казната. Амнестијата важи за жените над 50, мажите над 60 и лицата под 18-годишна возраст.

Во Албанија последната амнестија беше онаа од 2020 година, кога беа опфатени 170 затвореници.