Претседателот на Стопанските комoри бара конкретни мерки за помош од Владата

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески во авторска колумна посочи дека бизнис секторот е подготвен заедно со надлежните во текот на следната седмица да бараат спас за економијата во земјата, а предлогот е претставници на бизнисот да бидат дел од владините и парламентарни седници на кои се носат крупните одлуки.

„Бараме враќање од ‘партиска’ кон ‘државна’ агенда. Потребен е нов рамковен договор за економски реформи, политики и мерки кои треба да се спроведуваат во наредните најмалку десетина години. Само со ваков пристап бизнис секторот ќе може да работи во амбиент кој е стабилен, предвидлив и долгорочно ориентиран“, пушува Азески

Во текот на идната седмица комората ќе одржи состаноци и консулатации, посочи Азески кој најавува дека на крајот на седмицата ќе има и средба со министерот за финансии и Владата.

„80 отсто од инфлацијата моментално доаѓа од увозот на храна и енергенси. Само за пример храна оваа година ќе увеземе за 700 милиони евра. Што е апсолутен дебакл на нашата 30 годишна самостојност, со потрошени над милијарда евра субвенции без конкретна додадена вредност и без стратешка национална свест и визија. Да заклучиме, ние не сме луѓе што немаме алтернатива и што нема да најдеме решение за било каков проблем. Точно е дека овие проблеми имаат меѓународен карактер, но дајте ние да си ги решиме нашите“ пишува уште Азески.

Стопанството веќе подолго време се соочува со проблеми поради високите трошоци за струја, сметките за електрична енергија им се зголемени и за повеќе од пет пати. Некои фирми најавија дека ќе затворат доколку државата не интервенира и скоро не се донесат мерки.

Владата претходната седмица ги објави мерките за штедење кои ќе бидат обврзувачки за јавните институции. Администрацијата има конкретни насоки колку и како да ја користи струјата. Со нив се очекува потрошувачката на електрична енергија да се намали за 15 отсто. Граѓаните и фирмите добија само препораки. Надлежните уверуваат дека зимава рестрикции нема да има.