Oчекувам и во интерес на правосудството е министерот за правда, Кренар Лога, да биде активен, да придонесува во решавањето на секој проблем со кој што се соочуваме како правосудство, изјави претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев.
На прашање како ги коментира ставовите на министерот Лога, во однос на работата на Судскиот совет, тој рече дека смета дека тоа е видување на министерот.
-Ова е негово видување, но да не заборавиме дека министерот за правда е член на Судскиот совет на секоја седница по функција на службеност тој е повикуван, ги добива материјалите, записниците за работа и очекувам и во интерес на правосудството е тој да биде активен, да придонесува во решавањето на секој проблем со кој што се соочуваме како правосудство, рече Георгиев.
Дополни дека не би се впуштал во гледиштето на министерот, но, како што рече, „го повикувам во иднина да биде активен и да преземе проактивно учество во работењето како член на Судскиот совет“.
-Иако согласно Законот е ограничено правото на гласање и на учество во делот на гласањето, но во делот на решавањето на проблемите, во делот на соочувањето со реалните проблеми кои се дискутираат, а со кои се соочуваме во тековното работење, тука е неминовно дека може да даде свој придонес во решавањето на овие проблеми, рече претседателот на Судскиот совет.
Во однос на прашањето за тоа дека нема пријавени кандидати од Врховниот суд за член на Судски совет, со оглед дека се повтори огласот, односно по повлекувањето на претходниот кандидат, тој рече дека ќе се распише нов оглас.
-Очекуваме да има претставник од Врховен суд, тоа е нивно право согласно Законот, согласно Уставот. Право за да имаат претставник во Судскиот совет во решавањето на тековните проблеми, во постапувањето во Судскиот совет. Но, можеби во период на летни одмори, во период кога беше судиска ферија, бевме заради законските обврски должни да постапиме со овие рокови, можеби и тоа има свој придонес. Но, во секој случај ќе следи на прва наредна седница, откако ќе биде констатирано дека нема кандидати ќе се распише нов оглас, рече тој.
Прашан за претседателот на Управниот суд, Бурим Сејдини, Георгиев рече дека има формирано работна комисија и се чека извештајот, по што ќе биде разгледан на седница на Советот.
-Во делот на тоа што велите зошто сѐ уште колегата, односно претседателот на Управен суд е судија, односно претседател на овој суд, и додека нешто не се докаже не можеме да размислуваме во тој дел. Доколку сметате дека е нешто причина за кривична одговорност или слично, тоа е веќе друг елемент, не сме надлежни ние во тој дел. Седницата не ја одложуваме, го чекаме материјалот да биде изготвен и веднаш ќе биде ставен на разгледување на седница, рече Георгиев.