Претседателот на Светската банка, Џим Јон Ким ја напушта функцијата на 1-ви февруари, се наведува во соопштението од СБ.
Вршител на должноста претседател на СБ ќе стане бугарката Кристалина Георгиева, генерален директор на оваа институција, јавува Би-Би-Си.
Џим Јон Ким стапи на должноста шеф на СБ на 1 јули 2012 година со мандат од пет години. Подоцна, Советот на директори на банката повторно го избра за претседател до 2022 година.
Голема чест беше да служам како претседател на оваа извонредна институција, полна со страсни поединци, посветени на мисијата за ставање крај на екстремна сиромаштија, се наведува во соопштението од Ким.
Меѓутоа, тој не ја соопштил причината за неговата оставка.
Исто така, не е наведено кое е неговото ново работно место. Извесно е дека тој ќе работи во компанија која се занимава со инвестиции во инфраструктурите на земјите во развој.
Инаку, Кристалина Георгиева до 2017 година работеше како комесарка за буџет и човечки ресурси во Европската комисија, предводена од Жан Клод Јункер.